Пауза во борбите, надеж за крај на крвопролевањата
Падна договор за четиридневен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас за размена на заложници. Светските лидери го поздравија договореното и очекуваат хуманитарната помош да стигне до најпогодените. На фронтот, продолжуваат воените операции од воздух, копно и море...

Израелската влада и Хамас договорија четиридневна пауза во борбите за ослободување на 50 заложници (жени и деца) кои се држат во Газа, додека од израелските затвори ќе бидат пуштени 150 Палестинци. Меѓу другото, хуманитарната помош ќе може непречено да поминува во сите области на енклавата. Израелското воено раководство тврди дека со голема внимателност ќе ја следат операцијата.
„Тие ги користеа овие типови на паузи во минатото за да извршат повеќе убиства и киднапирања. Затоа треба да бидеме многу силни во нашите одбранбени позиции. Ние сме подготвени“, изјави Питер Лернер-портпарол на израелските одбранбени сили.
Светот го поздрави договорот меѓу двете страни со надеж дека е почеток на крајот на крвопролевањата.
„Клучот беше во разговорите, блиската соработка на САД со Катар и со владата на Египет за да се натераат двете страни во суштина да бидат конкретни“, рече Џејк Саливан – советник за национална безбедност на САД.
„Целосно сум убеден дека не може да има воено решение за овој конфликт. Не може да се убие идеја. Единствениот начин е да се добие подобра идеја. А подобрата идеја овде може да биде само признавањето дека имате два народа кои се борат за иста земја повеќе од 100 години, тие треба да можат да живеат заедно. Решението се две држави“, изјави Жозеп Борел-шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
„Сакаме да ги видиме сите заложници слободни што е можно побрзо, вклучително и британските државјани, и би ги повикал сите вклучени страни да го испорачаат договорот во целост“, рече Риши Сунак – премиер на Велика Британија.
Саудиска Арабија, Египет и Јордан ја поздравија одлуката на Израел и Хамас потенцирајќи ја како важен прв чекор кон целосен прекин на воените дејствија. Од Иран велат дека за иднината на Газа и на Палестина ќе одлучува палестинскиот народ.
„Слушнавме од лидерите на отпорот во регионот дека до целосното остварување на правата на Палестина и додека не се постигне резултат во соочување со окупацијата во регионот, рацете на отпорот ќе останат на чкрапалото“, вели Хосеин Амирабдолахиан-ирански министер за надворешни работи.
Израелските одбранбени сили објавија дека продолжуваат со операции од воздух, копно и море. Жителите во градот Газа изјавија дека борбите се интензивирале во текот на ноќта. Палестинските здравствени власти алармираат за состојбата во болниците. Во меѓувреме, продолжува размената на огнот на границата меѓу Израел и позиции на Хезболах во јужен Либан.
Маријана Димовска
