Ковачевски: Со почитување на различните јазици потврдуваме дека сме функционално мултиетничко општество
Премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше и се обрати на Свечената академија по повод 115-годишнината од стандардизацијата на албанската азбука...

Премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше и се обрати на Свечената академија по повод 115-годишнината од стандардизацијата на албанската азбука.
„Денес е голем ден за нашите сограѓани Албанци и голем ден за нашата заедничка историја. На овој ден, во 1908 година во градот на конзулите, Битола, се одржа познатиот Битолски конгрес, на кој се поставија темелите на албанската писменост.
На Конгресот на кој учествуваа голем број истакнати припадници на албанскиот народ од целиот свет, се заокружи процесот на создавање на единствено, стандардизирано албанско писмо на кое денес се пишува и твори. Со завршувањето на Битолскиот конгрес, започнува користењето на стандардизираната албанска азбука, а започнува со работа и првата печатница која ќе ги печати првите дела со албанска азбука, меѓу кои буквари, читанки и неделници. Јазикот и културата на еден народ се негов идентитет, негов белег и претставуваат негов код“, рече Ковачевски.
Појасни дека на ова тло, со векови се негувале и се негуваат разни јазици.
„Затоа, дозволете ми да кажам дека сè додека се почитуваме, ќе се разбираме. Една од најважните препознатливи карактеристики на Република Северна Македонија е нејзиниот мултиетнички и мултиконфесионален карактер, што нè прави единствени. Иако не зборуваме сите на ист јазик, нашата историја, нашите корени се испреплетени и взаемно поврзани. Сите сме различни, но во исто време исти кои делиме исти предизвици“, додаде тој.
Според него, почитувањето на различностите е предуслов за градење на демократска држава, базирана на цивилизациски вредности.
