Политика

Енигма е кој ќе ја води техничката влада

22.11.2023 18:36

Коалициските партнери во владата ги потврдуваат заедничките избори во мај идната година. Не откриваат дали ќе настапат со заеднички листи и кој ќе биде премиер на техничката влада...

Мај е месецот за претседателски и парламентарни избори во државава. По премиерот Ковачевски, и дел од министрите во неговата влада потврдуваат дека договорот е постигнат, само официјално да се седне на маса и со опозицијата која всушност бараше споени изборни процеси. Првиот вицепремиер Артан Груби од ДУИ вели дека тој во техничката влада со сигурност нема да седне на премиерското столче.

Фатмир Битиќи вицепремиерот за економски прашања кој е од редовите на СДСМ, вели европски фронт со сигурност ќе имаме, а во него добредојдени се сите политички партии.

Кренар Лога министерот за правда од редовите на Алијанса за Албанците не открива многу детали. Неговата партија сè уште ја разгледува можноста дали ќе одат на избори заеднички со коалициските партнери од владата или тоа ќе го направат самостојно.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараше заеднички изборни циклуси, како што велеа, за да не се трошат народни пари непотребно, со оглед на фактот дека еден изборен циклус чини околу 7 милиони евра.

 

 

Миле Ристески