Заострена реторика во ЕП за блокадата на Македонија
Бугарскиот премиер Николај Денков денес имаше обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур во рамките на дебатата за „Европа“, во таа прилика тој беше прозван од неколку европратеници за бугарската политика за европските интеграции на Македонија. Во таа прилика Денков нагласи дека „Бугарија не е виновна за влошувањето на односите со Македонија и дека таа нема нови услови за Македонија, односно тоа се услови на Европската Унија, а не на Бугарија“...

Неколку европратеници како австрискиот Андреас Шидер и словенечкиот Матјаж Немец, повикаа Бугарија да и го отвори патот на Македонија кон пристапувањето во Европската Унија, за чија европска определба нема сомневања, бидејќи за да ѝ се отворат вратите за преговори таа го промени и името.
„Бидете попрецизни господин премиер, што ќе направите за да придонесете да се отвори вратата на Европа за Северна Македонија, мислам дека Бугарија треба да избегне да го блокира процесот на пристапување на Северна Македонија“, изјави Реинхард Бутикофер германски европратеник.
Бугарскиот премиер Николај Денков, потсети дека Бугарија прва ја призна независноста на Македонија.
„За жал со годините нашите односи се влошија. Јас мислам дека Бугарија не е виновна за тоа влошување. Затоа сакам јасно да ви кажам дека во сегашниот момент Бугарија нема други барања за Северна Македонија, освен тие кои се во одлуките на Европската Унија од минатата година. Нема билатерални односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, има односи меѓу Северна Македонија и Европската Унија, Северна Македонија треба да ги исполни барањата, за да може да го отвори процесот на преговорите. И затоа во однос на ова не прифаќам никакви критики кон нашата земја. Не!-изјави Николај Денков, премиер на Бугарија.
Бугарскиот премиер во своето излагање не се задржа на неспроведувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права, за претставниците на македонското малцинство и неговите здруженија, за што беше критикуван неодамна од ЕП.
Тони Гламчевски
