Нема затишје додека не се финализира договорот меѓу Хамас и Израел
Договорот меѓу Израел и Хамас за четиридневен хуманитарен прекин на огнот за размена на заложници, наместо од денеска, се пролонгира за утре. Преговорите сè уште траат. Премиерот Нетанјаху вели, продолжуваме додека не постигнеме целосна победа...

Одложен договорот за прекин на огнот што го постигнаа Хамас и Израел. Во последен момент шефот на Националниот совет за безбедност на Израел, Цачи Ханегби изјави за Би-Би-Си дека ослободувањето на заложниците се пролонгира за утре. Преговорите се во тек. Катар уверува дека разговорите прогресираат позитивно и дека во наредните часови ќе биде објавено точното време кога ќе почне прекинот на огнот. Семејствата во неизвесност. Надежта постои, но стравот расте.
„Тоа е како ролеркостер. Гледате договор и се надевате дека е готово“, изјави Ејал Нури, внук на израелски заложник.
„Се разбира дека имам надеж, но тоа е многу тешко. Хамас рече дека ги немаат сите деца. Очигледно ги поделиле со исламски џихад. Сè уште не знам. Додека не ги видам со свои очи, додека не ги прегрнам, нема да верувам“, изјави Хадас Калдерон, мајка на Ерез и Сахар, заложници во Газа.
Спротивставени се извештаите за тоа што го предизвика уназадувањето – некои тврдат дека Хамас не го ратификувал договорот за прекин на огнот, други пак, дека не му доставил на Израел список на заложници кои требало да бидат ослободени првиот ден, како што било договорено.
Израел ја продолжува офанзивата во Газа. Нападнати се 300 локации, командни центри, тунели и магацини со оружје на Хамас. Полека, но сигурно ја демонтираме воената рамка на терористите-изјави Нетанјаху.
„Ќе продолжиме сè додека не ги постигнеме сите наши цели и не ги вратиме сите наши киднапирани. Да го елиминираме Хамас и да гарантираме дека по него, газа нема да биде контролирана од страна што го поддржува тероризмот“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Продолжува и прекуграничниот оган со Хезболах. По серија ракетни напади од либанска територија, Тел Авив одговори на ударот, и предупреди-она што се случува во Газа може да се случи и во Либан. Хезболах соопшти дека син на висок пратеник е убиен во израелски напад.
Бојана Крстевски
