„Точка, запирка“ на Христо Петрески- отслик на длабоки духовни состојби

02.06.2014 16:04

Оваа книга ја означува зрелата фаза ор развојот на поетот нудејќи ни високо култивирани и естетски облагородени поетски видувања и медитации. Христо Петрески во изминатите триесетина години на мапата на македонската поезија одбележа свој, специфичен и препознатлив пат...

Во рамките на едицијата „Синтези“, а во издание на издавачката куќа Дијалог од печат излеза новата поетска книга на Христо Петрески под наслов „Точка, запирка“. Д-р Веле Смилевски за овој творечки проект вели дека стихозбирката „Точка, запирка“ е отслик на длабоки духовни состојби што на автентичен начин може да ги долови и да ги артикулира творечкиот сензибилитет од типот на поетот Христо Петрески.

Оваа книга ја означува зрелата фаза ор развојот на поетот нудејќи ни високо култивирани и естетски облагородени поетски видувања и медитации. Христо Петрески во изминатите триесетина години на мапата на македонската поезија одбележа свој, специфичен и препознатлив пат.

„Оваа книга „Точка, запирка“ доаѓа по претходната моја книга „Извичник“ , а по оваа книга следува книгата „Прашалник“ за која што неодамна ја добив наградата Јован Котески. Со овие три интерпункциски книги (во смисла на насловите) – Извичник, Прашалник и Точка, запирка кои и преку самите наслови се дури и премногу сугестивни, не дека сакав многу да извикнувам, не дека сакав многу да се прашувам или не дека сакав да ставам некаква си точка во мојот творечки пат или пак некаква си запирка која што би требала да биде некој мал прекин или премостување, туку сакав да укажам дека интерпункциските знаци иако се секогаш присутни во текстот, помеѓу зборовите ние често како да ги забораваме; забораваме на нив, на нивната функција и на нивното значење, на нивната улога. Јас еве на овој начин сакав да им се оддолжам, бидејќи примордијално е значењето на интерпункциските знаци. Некогаш еден интерпункциски знак, една запирка може сосема да ја промени смислата во реченицата. Се разбира, сакав да бидам и оригинален, затоа што секогаш во уметноста треба да бидете различен од другите, да бидете свој“, објаснува авторот Петрески.

За овој автор со посебен темперамент, загледан длабоко во светот во себе, песната е шепот на големите вистини за духовните релации на постоењето. Песната за Петрески е медиум за да се преточат тие вистини и да станат дел од нашето битие, за да не допрат, да не возбудат, да не принудат на размисла.

„Нема творештво каде што има форма, а нема содржина. Јас секогаш се трудам формата да ми биде само некоја рамка, некоја појдовна основа и некоја нишка водилка, но се понатаму е содржина. Значи во овие мои три книги, вклучително и во најновата „Точка, запирка“ се трудев да бидам добар, но не на претходните начини на кои што некој други велат дека сум бил добар. Јас сум еден од тие „расипувачи на забави“ , луѓе кои никогаш не сакаат да се повторуваат и кои не сакаат да бидат добри на начинот на кој што претходно јас лично сум бил, а не некој друг. Знам често да ги ,,расипам,, некои прекрасни нешта, сакам да ги надградувам нештата и да создавам нешто ново. Таков е случајот со оваа книга каде што има три циклуса – првиот циклус е ДА, вториот е НЕ, и сега што меѓу ДА и НЕ, знач нешто помеѓу. Е тоа е третиот циклус ИЛИ“, додава Петрески.

Предмет на авторовото внимание е урбаната атмосфера и психологијата на човекот во лавиринтите на градот, но и самото пеење, односно песната како поле за истражување на планот на јазикот, градбата и композицијата. Таа песна е едноставна, но во исто време длабока и слоевита. Специфична во својата речитост, поезијата на овој автор е исполнета со значења и пораки кои длабат во душата и ги будат чувствата за се она што е составен дел на животот: радоста и тагата, љубовта и омразата, среќата и болката, раѓањето и смртта.

„Во овие песни читателите ќе бидат соучесници. Содржината е со отворен крај кој што го оставам, го препуштам на самите читатели“, нагласува авторот.

Во стиховите од книгата „Точка, запирка“ на Христо Петрески доминира спонтаниот поетски исказ со благи емотивни нанеси и сублимации од рефлексивен карактер. Пораките и значењата што тие ги носат извираат од кондензираните состојби на поетското искуство на овој автор. Тоа искуство е важен и неодминлив прилог во развојните процеси на современата македонска поезија.

 

Сандра Титизова