Две години од автобуската несреќа во Бугарија

Вината треба да се бара и во лошата патна инфраструктура на автопатот „Струма“, велат адвокатите

23.11.2023 12:26

Денеска се навршуваат две години од автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, кога загинаа 45-мина, меѓу кои и жени и деца од Македонија. Се спасија само седум лица. Истрагата е завршена, а главната причина е човечка грешка. Вината треба да се бара и во лошо изградената патна инфраструктура на автопатот „Струма“, сигнализацијата и несоодветно поставените заштитни огради, велат адвокатите…

Две години од страшната автобуска несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија кога загинаа 45-мина македонски државјани враќајќи се од патување во Истанбул. Само седуммина успеаја да се спасат од трагедијата. Истрагата заврши, а како главна причина во извештајот е наведена неприспособената брзина со која возачот го управувал автобусот.

Според адвокатот на семејствата на загинатите, вината треба да се бара и во лошо изградената патна инфраструктура на автопатот „Струма“, сигнализацијата и несоодветно поставените заштитни огради. Обвинителството во Бугарија не сакаше да се соочи со овие констатации, додава адвокатот. Семејствата иако беа обесштетени ќе бараат дополнително надоместување и од Агенцијата задолжена за патна инфраструктура.

„Тоа го довело возачот во заблуда и тој не знаел каде точно се наоѓа. Затоа помислил дека заштитната ограда во која удрил првиот пат, е од неговата лева страна. Браникот немал буфер од напред. Ако имало буфер, автобусот немало да биде преполовен. Во моментов истрагата во Бугарија одбива да се соочи со овие наши констатации“, вели Николај Димитров – адвокат.

„Веќе побаравме мислења од државата и поконкретно од нејзината агенција која е одговорна за патната инфраструктура. Тие дела се во процедура и очекуваме да биде закажан датумот“, додава Ѓорги Ратков – адвокат.

Според вештачењето, возачот изгубил контрола врз автобусот, во моментот на судирот возел со 108 километри на час, а дозволената брзина била 90. Имал само 1,8 секунди да изреагира за да не удри во заштитната ограда, што доведе до трагедијата.

Надлежните во Македонија ја одзедоа лиценцата на агенцијата „Беса транс“, а Обвинителството поднесе пријава за кривично дело – фалсификување документи. Судскиот процес е сè уште во тек, трае доказната постапка, следното рочиште е на 1-ви декември.

Андријана Ѓурческа