Европа

Холандија оди в десно, ќе следува ли „Нексит“?!

23.11.2023 12:49

Герт Вилдерс, екстремен десничар, победи на изборите во Холандија. Ова за светот е изненадување кое може да доведе до референдум за излез од Европската унија-„Нексит“…

Нов кошмар на Европската унија со крајната десница. Се вклучи црвеното светло во Брисел по очигледната победа на изборите на Герт Вилдерс којшто во кампањата најави „Нексит“, референдум за напуштање на Холандија на европскиот блок. Неговата главна порака е антиисламска, која сепак беше омекната во предизборието, со доминација на евроскептицизмот и спуштањето на холандската рампа за мигрантите.

„Говорев за забраната за азилот. Речиси сите кои влегоа по копнен пат се мигранти, не се бегалци. Тие не се за жалење, веќе имаат аплицирано за азил во шест до седум земји од Унијата. Го користат законот што треба да се приспособи кон националните интереси“, изјави Герт Вилдерс, Партија на слободата.

Амортизираниот став на Вилдерс за џамиите, куранот и исламските училишта предизвика реакции меѓу холандските државјани со муслиманско потекло. За Вилдерс сепак, гласаа два милиона и 500 илјади Холанѓани, кои посакуваат промена по декадата владеење на партијата од центарот на Руте, на новиот лидер со турско потекло Дилан Јешилгуз.

„Гласачот реши поинаку, честитки за победникот. Тоа е водството засега, ќе видиме како ќе оди договорот. Не гледам како партијата на Вилдерс ќе формира мнозинство за формирање влада“, изјави Дилан Јешилгуз, Народна партија на слободата и демократијата.

Поранешниот потпретседател на Европската комисија и лидер на зелените потврди дека Холандија оди в десно.

„Да, сега имаме голема планина за искачување. Не бев способен да ги убедам луѓето. Повеќе места добивме поединечно, но тоа не е доволно за заедничка победа“, изјави Франс Тимерманс Партија на зелените.

Во Холандија има околу 18 милиони гласачи, околу 2,5 милиони гласаа за ултрадесната Партија на слободата.

„Не поради името, туку поради нештата кои им ги порача на вистинските работници. Не сум претприемач, но моите пари одат кај секого освен кај мене. Тој мисли за секого. Не ги исклучува ниту муслиманите, никого.“

„Гласав за него главно поради миграцијата. Сите сакаме границите да бидат затворени. Затоа луѓето гласаа за Партијата на слободата.“

„Како можеме да бидеме среќни, не можеме да бидеме ниту разочарани. Гласав за партија која сепак е стабилна, но не победи. Немам право како еден од 18-те милиони да се противам на тоа“, велат гласачите.

Стравот од цунами на мигрантите во Холандија му ја донесе победата на Вилдерс. Тој сепак ќе се соочи со можноста од малцинска влада којашто е на стаклени нозе. Сепак, ултрадесничарите полека во Европа стануваат властодршци. Мелони во Италија, Орбан во Унгарија, Марин Ле Пен победи на локалните избори во Франција. Во европската локомотива, Алтернатива за Германија се позиционира како втор политички фактор.

Зоран Богатинов