Жителите на Општина Дебрца два дена без вода за пиење
Жителите на Општина Дебрца веќе два дена се без вода за пиење, бидејќи ЕВН поради ненамирен долг ги исклучи од мрежа сите пумпни станици. Иако Општината понудила спогодба за расчистување на долгот од четириесет илјади евра како и при поранешните долгови, од ЕВН одговориле на овој начин, со што го загрозиле животот и здравјето на неколку илјади граѓани, велат од Општина Дебрца …

„Не е нормално вода да нема кога насекаде имаме извори, насекаде имаме води, а да му се исклучи струјата на едно население“.
„Апелирам до сите жители од Дебрца да се соберат против ЕВН да ја пуштат струјата, затоа што без вода не се може“.
Ова е одговорот на жителите од Дебрца на прашањето како е да се живее без вода во 21 век. Тие од вчера претпладне се без вода за пиење откако ЕВН ги исклучи од мрежа пумпните станици, поради што без вода се 10-тина најгусто населени села во општината, аеродромот „Свети Апостол Павле и приватна болница за нефрологија.
Од Општина Дебрца чувствуваат дека се дискриминирани, бидејќи веќе имале спогодби со ЕВН за враќање на заостанатиот долг и еве веќе се случува по втор или трет пат да бидат исклучени, а нивниот долг е само 40 илјади евра за разлика од милионските суми во евра што ги должат други општини.
Градоначалникот Зоран Ногачески вели дека ваквото исклучување на струјата е спротивно на правилата кога се работи за снабдување со вода на населението, со што се загрозува животот и здравјето на граѓаните.
„При ваква цена од 19 денари за метар кубен потрошена вода и енормно висока од 14-15 денари и уште повеќе денари за киловат не само што нашето јавно претпријатие па ниедно водно претпријатие не може да опстане и се трупаат долгови. И сега во оваа ситуација за 40 илјади евра нас ни се исклучува и покрај што дури даваме предлог да се склучи спогодба“, изјави Зоран Ногачески-градоначалник на Општина Дебрца.
Во вакви услови според Ногачески единствено решение е ингеренциите за водоснабдување на општината е да се вратат на централната власт, затоа што државата ги одредува цените на водата и струјата.
Сашо Нелоски
