Очекувана одлука

Советот на јавни обвинители ја разреши Русковска, таа најави дека ќе се пензионира

23.11.2023 14:29

Советот на јавни обвинители едногласно ја разреши поранешната шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска од функцијата јавен обвинител…

Поранешната шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска е разрешена од обвинителка. За ова одлука беа едногласни членовите на Советот на јавни обвинители. Причината била тешка дисциплинска повреда. Предлагач за дисциплинската постапка на Русковска е државниот обвинител Љубомир Јовески, кој сметаше дека бил прекршен законот при упадот и претресот во Финансиската полиција и кај тогашниот директор Арафат Муареми.

Русковска очекувала ваква одлука. Ќе бара пензионирање.

„Очекував ваква одлука и бев сигурна дека ќе донесат ваква одлука со самото тоа што дисциплинската комисија не го прифати за сведок професорот Калајџиев. Очекував да донесат таква одлука и Советот да ја потврди. Јас сега ќе поднесам документи за пензија“, изјави Русковска за МТВ.

За истиот предмет, Советот ја одби жалбата на обвинителката Ивана Трајчева, но го усвои предлогот на комисијата и ѝ изрече мерка намалување на платата за 30 насто, во траење од шест месеци.

На седницата, членовите на Советот ги изгласаа измените на етичкиот кодекс на обвинители.

Наташа Гркова Петрушевска