Тетово

Чибишев: Потреба е итна евакуација на населението, поради опасноста на честичките во воздухот

23.11.2023 16:18

Ветерот шири токсичен воздух од пожарот во кој изгореа околу 100 тони хемикалии. Докторите апелираат граѓаните во околината на фабриката да се евакуираат. Македонската телевизија направи графички приказ, за тоа што дишат тетовци овие два дена...

Пламените јазици стивнаа, но тетовско допрва ќе дише сè што изгоре. 24 часа по големиот пожар на магацинот за бои и лакови, од мерните станици на Министерството за животна средина се гледа оти откако почнал во 10 ипол, пикот на јаглород моноксид бил достигнат во 15 часот. Во истиот период, најголема концентрација е достигната и на сулфур диоксид и на азотен диоксид. Клиничкиот токсиколог Андон Чибишев, вели дека населението од село Фалише и од сите блиски села мораат под итно да се евакуираат.

„Голема концентрација на јаглероден моноксид предизвикува сериозни пореметувања во процесот на клеточно дишење. Јаглеродниот моноксид има околу 260 пати поголем афинитет кон хемоглобинот кој што е една состојка која што учествува во дишењето на организмот, во клеточното дишење. Тој го блокира хемоглобинот и дишењето на клетките се пореметува. Често пати краткотрајната изложеност предизвикува главоболки, вртоглавици, пореметувања на видот, отежнато дишење, намалена концентрација, намалена меморија“, изјави Андон Чибишев, клинички токсиколог.

Чибишев вели дека сулфур диоксид плус вода во телото, создаваат сулфурна киселина со слаба концентрација која го отежнува дишењето и делува на централниот нервен систем. Присуството на овој гас го намалува имунитетот. И азотните оксиди имаат ист ефект врз човековото здравје. Но, ова е сè што во моментот државата има капацитет да го измери, вели министерката Шукова, оти нашите директиви предвидуваат мерење претежно на ПМ 10 и ПМ 2 ипол честици, но не се мери органско загадување во воздухот.

„Во државата нема акредитирана метода која што може да мери испарување на органски испарувачи. Ги консултиравме вчера сите лаборатории и приватните лаборатории, не можат да излезат на терен бидејќи немаат акредитирана метода, меѓутоа излегоа на терен ЦУК, Институтот за јавно здравје и Државниот инспекторат за животна средина“, изјави Каја Шукова, министерка за животна средина.

Иако се чекаат анализите на институциите, Шукова со сигурност тврди оти загадување ќе се покаже и во воздухот и во водата и во почвата. Сепак, за Чибишев, поопасно е она што немаме капацитет да го измериме.

„Во процесот на производство на бои и лакови, сè уште како суровини се употребуваат тешки метали, најчесто олово и жива или и двете и при согорување на овие тешки метали се ослободуваат пареи од тешки метали кои исто така исклучително токсични за човекот и за живите суштества, за животните, за рибите, за растенијата и за почвата“, изјави Андон Чибишев, клинички токсиколог.

Територијата околу магацинот е плодна почва на која се одгледува претежно пченка, пченица, зелка и раноградинарски култури. Анализите ќе покажат дали и колку од овие производи но и почвата се зафатени од штетни честици од пожарот. Локалниот пожар во тетовско ќе има и регионални последици, велат од Институтот за јавно здравје кои сè уште собираат податоци.

 

Катерина Топалова