Образованието во проблеми

Учебниците по историја чекаат рецензија, се бараат поголеми вложувања во науката

23.11.2023 15:24

Ќе дојде и крајот на првото полугодие, а учениците во петто одделение останаа без учебник по историја. И натаму за овој предмет наставниците предаваат од помошни материјали. Проблеми има и во високото образование. Академската фела бара поголеми вложувања во науката…

И до крајот на првото полугодие основците најверојатно ќе учат историја од скрипти. Ракописите од авторите се одамна доставени до институцијата, но и по неколку обиди Министерството за образование не најде рецензенти за учебниците по овој предмет за петто и шесто одделение. Министерот Шаќири вели дека има комуникација со факултетите и очекува конечно да достават пријави за рецензенти, но не прецизираше кога ќе се случи тоа.

Проблеми има и во високото образование. Академската фела бара поголеми вложувања во науката. По долго време нова опрема доби лабораторијата на Градежниот факултет во Скопје. Според деканот Марковски, паѓа интересот за студирање на оваа струка. Се надева дека со модернизацијата на лабораториите, градежништвото повторно ќе стане атрактивно за младите.

Голем дел од оваа опрема ќе се користи и при изградбата на коридорите 8 и 10 Д. Професорите сметаат дека ваквите инвестиции ги прават конкуренти во стопанството и со истражувањата ќе може да учествуваат на значајни европски проекти.

Инвестицијата во опремувањето на двете лаборатории чини 3,7 милиони денари, а министерот Шаќири рече дека лани биле распределени 240 милиони денари за наука. 19 милиони за финансирање на 7 проекти и 224 милиони денари за 44 проекти за набавка на опрема и акредитација на лаборатории.

Викторија Милевска