Во Марсеј уапсен напаѓачот на бриселскиот Еврејски музеј
При апсењето на автобуската станица Сант Шарл во Марсеј во неговиот багаж е пронајден калашников и револвер со муниција од ист тип како што тој што беше употребен при убиствата во Еврејскиот музеј во Брисел, како и филм во кој објаснува дека не успеал да го сними нападот во музејот...

Изутрината во Франција е уапсен 29 годишниот Мехди Немуш со потекло од Рубе на северот од Франција, недалеку од границата со Белгија. За него постојат сомневања дека 2013 година престојувал во Сирија како џихадист, поради што бил на листата на француската контраразузнувачка служба (ДГСИ).
При апсењето на автобуската станица Сант Шарл во Марсеј во неговиот багаж е пронајден калашников и револвер со муниција од ист тип како што тој што беше употребен при убиствата во Еврејскиот музеј во Брисел, како и филм во кој објаснува дека не успеал да го сними нападот во музејот.
„Неговото заминување во странство на 31 декември 2012 година три месеци по неговото излегувае од затворот го спречи неговото следење, бидејќи не се наоѓаше повеќе на француска територија“, изјави Франсоа Мулан јавен обвинител на Париз.
Исто како и во случајот со Мохамед Мера, кој уби седум лица во Монтобан и Тулуз пред две години, така и Немуш успеа да изврши терористички акт. Нивниот пат до тероризмот е сличен. ОД деликвенција директно во радикален исламизам во затворот или пак регрутирање на социјалните мрежи.
Франција редовно врши превентивни акции и апсења во исламистички групи.
Францускиот министер за внатрешни работи потврди дека полицијата спроеведе акција во парискиот регион и на југот од Франција во круговите кои регрутираат кандидати за џихадисти за Сирија.
„Изутринава се уапсени четворица. Ние министрите за внатрешни работи ќе се состаниме во Луксембург во среда, одлучиве да не им оставиме никаква шанса на терористите“, изјави Бернар Казенев.
Министрите за внатрешни работи на Франција и Белгија уште вчера порачаа дека повредите на вредностите на Европската Унија нема да останат неказнети. Притоа беше констатирано дека меѓународната соработка и рзмената на информации ќе дозволи да се има поефикасна борба против тероризмот.
Тони Гламчевски
