Стапи во сила примирјето меѓу Израел и Хамас
По седум недели запрени борбите и воздушните напади во Појасот Газа. Стапи во сила примирјето меѓу Израел и Хамас. Денеска треба да бидат ослободени првите 13-мина заложници кои милитантите ги држат од 7-ми октомври. Договорено е и Израел од затворите да пушти до 150 палестински затвореници...

Прекин на огнот и размена на заложници. Во Газа стартуваше четиридневното примирје. Израелските власти ги контактираа семејствата на првата група 13 заложници кои треба да бидат разменети за 39 палестински затвореници.
Веднаш по официјалната пауза, во граничните области на Газа се огласија сирени. Ако се потврди дека биле лансирани ракети, тоа ќе биде прво прекршување на примирјето.
За време на паузата, израелската војска останува на линијата во Појасот. Соопшти дека тоа и натаму е воена зона и дека не е дозволено движење меѓу северот и југот на Газа. Со летоци известуваат луѓето да не се упатуваат кон север, откако Палестинците ги повикаа раселените да се вратат во своите домови.
„Не се очекува да има никакво поместување од север кон југ, тоа е нешто што е договорено. Одбраната останува на линијата за да се справи со секој настан“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Конвои со хуманитарна помош и гориво влегуваат во Појасот. Треба да стигнат до најпогодените.
„Пуштивме 326 камиони полни со храна, шатори, лични предмети, лекови и медицински материјали и 20 амбулантни возила“, изјави Абдула Бин Ал Рабиа, советник на саудискиот кралски двор.
„Почнавме да добиваме извештаи за болести кои се шират меѓу раселените. Пневмонија, цревни и кожни инфекции, па дури и сипаници“, изјави Ахмед Ал-Мандари, регионален директор на СЗО за источен Медитеран.
Двете страни потврдија дека војната не е завршена и ќе продолжи. До пред самиот почеток на паузата се водеа интензивни борби. Израелската одбрана соопшти дека го уништила тунелот на Хамас под болницата Ал-Шифа. Засилени напади и вкрстен оган имаше и од страна на Хезболх од либанска територија.
Бојана Крстевски
