Министерски совет на ОБСЕ

Владата ја тргна забраната за слетување на авионот на Сергеј Лавров во Скопје

24.11.2023 11:12

Засега нема потврда дека ова значи и доаѓање на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на министерскиот состанок на ОБСЕ...

Владата ја тргна забраната за прелет и слетување на руски државни воздухоплови над и во земјава. Тоа било решено на денешната претпладневна седница одржана во онлајн формат, пренесува „360 степени“ повикувајќи се на владини извори.

Тоа значи дека нема формална пречка за авион, во сопственост на руската држава, да слета на некој од аеродромите во Македонија. Одлуката, поточно измените на актуелните рестриктивни мерки за Руската Федерација воведени по агресијата на Украина, доаѓа во пресрет на Министерскиот совет на ОБСЕ, кој треба да се одржи од 29-ти ноември до 1-ви декември во Скопје.

Засега нема потврда дека ова значи и доаѓање на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на министерскиот состанок на ОБСЕ, стои во објавата на „360 степени“.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој е и актуелен претседавач со ОБСЕ, во изминатиот период повеќепати повтори дека се надева дека сите земји членки на организацијата ќе бидат претставени на највисоко дипломатско ниво во Скопје.

Османи не криеше дека официјална Москва бара лично Лавров да ја предводи руската делегација на Министерскиот совет и дека процедурата за неговото доаѓање е почната, иако Русија е под санкции од ЕУ кои се поддржани и од Северна Македонија.