ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Прекин на огнот во Газа, почна четиридневното примирје

24.11.2023 12:17

Во Појасот Газа стапи во сила договореното примирје и размената на заложници. Се доставува хуманитарна помош и гориво во погодените области. Стотици луѓе решија да се вратат во домовите на север иако израелската армија ги предупредени дека и натаму се војна.Двете страни потврдија дека војната нема да запре...

Почна четиридневното примирје во Газа – прекин на огнот и размена на првата група од 13 заложници во замена за 39 палестински затвореници. Засега ситуацијата се чини мирна, иако веднаш по официјалната пауза, во граничните области се наѕираа облаци чад. Извештаи за напади нема, но двете страни меѓусебно го вперија прстот за прекршувањето на примирјето.

Израелската војска останува на линијата во Појасот. Тоа е воена зона и не е дозволено движење меѓу северот и југот на Газа. Со летоци, известуваат луѓето да не одат кон север, откако Палестинците ги повикаа раселените да се вратат во домовите.

„Не се очекува да има никакво поместување од север кон југ, тоа е нешто што е договорено. Одбраната останува на линијата за да се справи со секој настан“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

И покрај предупредувањата, стотици луѓе решија да се вратат во своите домови на север.

„Сакам да го видам мојот дом. Многу луѓе дојдоа без облека, без пари и основни работи. Сакаме да ги земеме“, Мохамад, изјави раселен жител на Газа.

Конвоите хуманитарна помош и гориво пристигнуваат за најпогодените.

„Пуштивме 326 камиони полни со храна, шатори, лични предмети, лекови и медицински материјали и 20 амбулантни возила“, изјави Абдула Бин Ал Рабиа, советник на саудискиот кралски двор.

„Почнавме да добиваме извештаи за болести кои се шират меѓу раселените. Пневмонија, цревни и кожни инфекции, па дури и сипаници“, Ахмед Ал-Мандари регионален директор на СЗО за источен Медитеран.

Двете страни потврдија дека војната нема да прекине. По успешниот договор за пауза, Катар побара помош од меѓународната заедница за да се спречи голема катастрофа.

„Војната меѓу Израел и Хамас ризикува радикализација на цела генерација која ќе ја гледа одмаздата како цел за својата иднина. Треба да ја смириме ситуацијата, да работиме со меѓународната заедница за да не дојде до една од најлошите хуманитарни катастрофи во поновата историја“, изјави мајед Ал-Ансари, портпарол на министерство за надворешни работи на Катар.

Договорот предвидува размена на 50 заложници во замена за 150 палестински затвореници. Дополнително со посредување на Иран се ослободуваат и 23 тајландски државјани заробени од Хамас.

 

 

Бојана Крстевски