Македонија

Започна протестот на вработените од судската и јавнообвинителската служба, бараат покачување на платите

24.11.2023 12:37

Протестот, на кој поддршка дадоа повеќе административни службеници од повеќе синдикати, од пред Собранието, како што е најавено ќе продолжи пред Министерството за правда и ќе заврши пред Владата...

Вработените од судската и јавнообвинителската служба, Фондот за здравство, како и од Канцеларијата на Народниот правобранител, во организација на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) денеска излегоа на протест пред Собранието, од каде ги повикаа пратениците од сите политички партии, пред кои веќе е предлог буџетот за следната година, да ги поддржат во нивните барања за покачување на платите.

„Го повикувам Фатмир Битиќи да дојде овде и да праша кој од овие вработени има 37.876 денари плата. Да праша колкави се платите на овие вработени овде и како го преживуваат месецот, и да објасни како вработените кои можат само да го сонуваат просекот во државата се виновни за сè што е лошо, а тој и неговите другари функционери се херои кои заслужуваат да добиваат плата од 2.500 евра народни пари“, изјави Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.

Протестот, на кој поддршка дадоа повеќе административни службеници од повеќе синдикати, од пред Собранието, како што е најавено ќе продолжи пред Министерството за правда и ќе заврши пред Владата.

Вработените од судската и јавнообвинителската служба од 27-ми септември штрајкуваат барајќи исплата на додатоците на плата и зголемување на платите за 78 проценти, износ за кој беа зголемени платите на избраните и именуваните лица.