Владата го овласти МНР да одлучи дали ќе дозволи слетување на Лавров во Скопје
Владата на денешната седница ги овласти надлежните министерства сами да одлучат за издавање одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов за време на Министерскиот состанок на ОБСЕ…

На денешната седница, Владата донесе дополнување на Одлуката за воведување рестриктивни мерки во поглед на активностите на Руската Федерација со која се ограничува пристапот на воздухопловот на Руската Федерација, а согласно со регулативата на Советот на ЕУ од Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со која Република Северна Македонија е целосно усогласена.
Како што соопштуваат од МНР, преку ова дополнување, Влада им пренесе овластување на надлежните министерства сами да можат да одлучат за издавање одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов за време на одржување на триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, во период од 29-ти ноември до 1-ви декември 2023-та година.
Дополнувањето е согласно регулативата на ЕУ и одредбите во самите рестриктивни мерки со кои за меѓународните конференции како што е ОБСЕ се предвидени исклучоци за предметните рестрикции, стои во соопштението.
Засега нема потврда дека ова значи и доаѓање на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на министерскиот состанок на ОБСЕ. Шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој е и актуелен претседавач со ОБСЕ, во изминатиот период повеќе пати повтори дека се надева дека сите земји-членки на организацијата ќе бидат претставени на највисоко дипломатско ниво во Скопје.
Османи не криеше дека официјална Москва бара лично Лавров да ја предводи руската делегација на Министерскиот совет и дека процедурата за неговото доаѓање е почната, иако Русија е под санкции од ЕУ кои се поддржани и од земјава.
