Со конфискација на имот до повидливи резултати во борбата против корупцијата
Со Законот за конфискација на имот ќе се добијат повидливи резултати во борбата против корупцијата, вели вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска. Таа вели дека поради постојните празнини во законот недоволно се санкционира криминалот, дури и во случаи кога е очигледен…

Корупцијата да се санкционира со конфискација на имот. Се изготвува нов Закон за конфискација на имот, а целта е превенирање на кривични дела поврзани со организираниот криминал, со цел заштита на јавниот интерес во Македонија, беше констатирано на денешната јавна расправа.
Донесувањето на вакво законско решение е неопходно како дополнителен антикорупциски механизам во нашиот систем, истакна вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска.
Нацрт-текстот на предлог-законот, заснован на физибилити студија и анализа на состојбите и моделите на конфискација во модерните правни системи, беше подготвена во соработка со кабинетот за добро владеење со Советот на Европа, а реализацијата на активностите е следена од страна на Европската комисија.
Законот не претставува замена за конфискацијата во кривична постапка, туку е дополнителен и помошен инструмент и механизам, беше истакнато на јавната расправа. Со него се предвидува и можност конфискуваниот имот во граѓанска постапка да биде даден на користење за остварување на социјални потреби и цели во општеството.
Марија Котовска
