Политика

ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да се откаже од техничката влада, за СДСМ работните групи треба да ги утврдат деталите

24.11.2023 15:08

ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да се откаже од техничката влада, само ДУИ, според нив дувлото на криминалот, да нема технички премиер. Во СДСМ велат, формирани се работни групи кои треба да ги утврдат сите детали за изборниот процес. Ова според нив треба да заврши со лидерска средба во Собраниет...

ВМРО-ДПМНЕ, како најодговорна политичка партија кон граѓаните и државата е подготвена да се откаже од техничката влада, само ДУИ, според нив дувлото на криминалот, да нема технички премиер. ДУИ со месеци е во епицентарот на сите криминални скандали кои ја тресат Македонија, истакнува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.

Во СДСМ велат, формирани се работни групи кои треба да ги утврдат сите детали за изборниот процес. Ова според нив треба да заврши со лидерска средба во Собранието каде што треба да се донесе конечна одлука за датумот на изборите и промените во Изборниот законик, според препораките на ОБСЕ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и лани во јануари поднесе предлог за укинување на техничката влада, но тој предлог не беше усвоен во Собранието. Владејачките СДСМ и ДУИ го одбија предлогот, со образложение дека вакви измени се носат со консензус на сите партии, а не по предлог на една партија.

Техничката влада произлезе од Пржинскиот договор и беше воведена во 2016-та година поради како што беше тогашното образложение, нефункционирањето на институциите и политичката криза во државата.

Македонија имаше две технички влади, првата предводена од Емил Димитриев, втората од Оливер Спасовски. Согласно со сегашното законско решение, техничкиот премиер го предлага партијата на власт, најголемата опозициска партија ги предлага министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика. Власта има свои заменици во МВР и во МТСП, додека опозицијата има свои заменици во Mинистерстватo за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство.

 

Игор Панов