Не се почитуваат стандардите за безбедност при работа, штетата по пожарот во тетовско дополнително ќе се испитува
Пожарот кој избувна во тетовската фабрика за бои и лакови е целосно локализиран. Дали оваа компанија ги исполнувала законските обврски за заштита и каква штета е направена врз здравјето на граѓаните дополнително ќе се испитува…

Механизација го изнесува изгорениот материјал, штетата е огромна, но таа по здравјето на човекот е уште поголема. Од пламените јазици и густите облаци со црн чад тетовци деновиве се наголтаа загаден воздух. Пожарите во објектите зачестија, велат од тетовската противпожарна единица.
Голем дел од нив не ги запазуваат стандардите за безбедност при работа, немаат ниту противпожарни апарати ниту хидранти, што резултира со големи катастрофи.
Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, најави контроли врз сите деловни објекти и студија колку од нив ги исполнуваат безбедносните услови.
Во објектот во тетовско Фалише изгореа над 15 тони бои и лакови и други хемикалии, чии штетни материи се разнесоа во тетовскиот воздух, кој и онака е еден од најзагадените во светот.
Загадена е и почвата, а земени се и мостри за исправноста на водата за пиење во овој дел на Општина Тетово.
Зоран Димовски
