„Вклучи се, превенирај, одговори и систематизирај“ во рамки на 16 дена активизам против родово-базирано насилство
Под покровителство на сопругата на претседателот на Елизабета Ѓоргиевска и во соработка со Сојуз-Национален совет за родова рамноправност, денеска се одржа панел-дискусија на тема „Вклучи се, превенирај, одговори и систематизирај“, по повод кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство врз жените“...

Под покровителство на сопругата на претседателот на Елизабета Ѓоргиевска и во соработка со Сојуз-Национален совет за родова рамноправност, денеска се одржа панел-дискусија на тема „Вклучи се, превенирај, одговори и систематизирај“, по повод кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство врз жените“.
Во поздравното обраќање, Ѓоргиевска истакна дека за насилството нема оправдување и дека наша задача е да ги охрабриме жените и девојчињата жртви на семејно и родово – базирано насилство да се обратат за помош и да имаме системски решенија со кои жртвите ќе се чувствуваат безбедно. „Мора да сме храбри во нашите постапки, да креираме социјални, психолошки и економски контексти со кои би се прекинал ланецот на насилството, одговарајќи со непоколеблива решителност“, истакна г-а Ѓоргиевска. Таа додаде дека мора да ги насочиме нашите напори во донесување подобра легислатива, да обезбедиме гонење на сторителите, да ги заштитиме жртвите и да обезбедиме суштинска промена при справувањето со оваа алармантна состојба.
Претседателката на Сојуз-Национален совет за родова рамноправност, Савка Тодоровска, посочи дека сите форми на насилство врз жените се сè почести и дека само последниве десет месеци на нивната бесплатна телефонска линија помош побарале над 300 жени. Таа повика на заедничка и координирана акција од страна на сите релевантни институции и осигурување на безбедноста на жените во семејството, работното место и во општеството.
На панел-дискусијата учествуваа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, заменик-министерката за здравство, Маја Манолева, заменик-министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин, заменик-шефот на делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау и раководителката на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија, Весна Ивановиќ Кастаред.
Министерот Спасовски ги истакна програмите кои се предвидени за обука и едукација на стручниот кадар во МВР и другите институции што постапуваат со случаи на насилство, како и нивните активности со цел да се сензибилизираат службениците коишто директно работат со жртви на семејно и родово базирано насилство, потенцирајќи ја важноста од јакнење на јавната свест дека не треба да се толерира семејното насилство.
Заменик – министерот Хусејин го претстави пристапот на центрите за социјална работа кон жртвите, како и предвидените активностите кои ќе помогнат за економското јакнење и социјалното интегрирање на жртвите, потенцирајќи дека МТСП ќе започне со процесот на изготвување и на Национална стратегија. Хусејин истакна дека покрај работа со жртвите, треба да се фокусираме и на работа со насилниците и дека се неопходни итни и ефикасни мерки за да и помогнат на жртвата да излезе од насилната средина.
Заменик – министерката за здравство, Маја Манолева ги посочи здравствените услуги кои се достапни за жртвите, третманот на жртвите на психолошко насилство, како и функционирањето на Центрите за упатување на жртвите на сексуално насилство, посочувајќи дека досега се обучени над 400 здравствени работници за справување со насилство и предвидено е овие обуки да продолжат и во наредниот период.
Заменик – министерката за правда, Аврамовска Мадиќ, образложи како правосудниот систем ги третира случаите на родово-базирано и семејно насилство, дали постојат пречки во пристапот до правда за жртвите, и иницијативите за подигнување на свесноста и обука на правниците и судиите за постапување со случаи на родово базирано и семејно насилство. Таа ги потенцираше и измените во Кривичниот законик со цел поголема заштита на жртвите и поголема казнивост на родово-базираното насилство.
Заменик-шефот на делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау и раководителката на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија, Весна Ивановиќ Кастаред ги претставија своите размислувања со цел превенирање на семејното и родово-базирано насилство, се осврнаа на формите на насилство што се помалку препознаени и адресирани како што се психолошкото, економското насилство и говорот на омраза и ја истакнаа соработката што ја остваруваат со институциите во земјава со цел поддршка на иницијативите и програмите за борба против родовото и семејното насилство.
Целта на панел-дискусијата е превенција, препознавање и активно спречување на насилството врз жените и врз девојчињата и градење безбедна заедница, а во неа учествуваа претставници од релевантните државни институции, меѓународни организации и национални граѓански организации.
