Кампања против семејно насилство врз жените
Телефонската линија на МВР постојано ѕвони, а се почести се повиците за семејно насилство. За овој проблем со кој се соочуваат голем број жени во нашата земја, има законско решение, но тешко се применува во практика.

Охриѓанец ја претепал сопругата, син осомничен дека ја убил мајка си во кочанско, 23-годишен тетовец си ја претепал сопругата, а претходно се обидел да ја силува нејзината малолетна сестра, 51-годишeн гостиварец си ја претепал вонбрачната партнерка. Ова се само дел од денешните вести од црната хроника. И на социјалните мрежи се повеќе граѓаните бараат спас за како да ја најдат правдата по судските лавиринти. Адвокатите велат дека иако во 2021 година се донесе новиот Закон за заштита од семејно насилство кој е усогласен со Истанбулската конвенција за жал во практика сè уште постојат темни бројки на жртви на семејно насилство. Психолошкото и економското насилство сè уште многу тешко се препознава од институциите.
Според Андонова охрабрувачки се измените на Кривичниот законик каде што и демнењето е имплементирано.
Во првите 6 месеци од оваа година полицијата регистрирала 540 кривични дела за семејно насилство. Најголем број од пријавите се семејно насилство вез понежниот пол.
МВР во соработка со ОБСЕ изготвува мобилна апликација со прирачник за прв одговор при пријава за сторено семејно насилство.
Во рамките на Министерството за здравство е изготвен и прирачник за родово базирано насилство. Истовремено ги вклучува и лицата со попреченост. Од Правда потенцираа дека родово-базирано и семејно насилство во земјава се третира како кривично дело.
Од 2019 година досега во државава евидентирани се 20 случаи на фемицид, а за овие четири години покренати се 17 кривични постапки во кои се убиени сите овие 20 жени.
Ана Јосифоска-Тодоровска
