Македонија

Исполнети капацитетите на домот за стари лица во Куманово

25.11.2023 09:11

Над 150 корисници од државата згрижува домот за стари лица во Куманово. Капацитетите се речиси целосно исполнети. Од установата со години укажуваат за овој проблем. Решение сè уште нема. Корисници се граѓаните од целата држава.

Речиси целосно се исполнети капацитетите за сместување во домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово. Установата во моментов не располага со слободни места за прием на нови корисници.

Најголем е интересот за сместување немоќни стари лица. Слободни се само дваесетина места за повозрасни граѓани кои се целосно независни. Од оваа установа со години укажуваат дека е неопходно проширување на капацитети. Бројката варира, но никогаш не е по 150 корисници. Во кумановската установа за згрижување стари лица веќе со години се згрижуваат корисници од целата држава.

„Неминовно е зголемување на вакви капацитети, како институција го чувствуваме тој товар. Меѓу поголемите сме во државата и нема доволно места, ниту приватните домови не ја амортизираат потребата од згрижување на старите лица, заради темпото на живот, миграцијата“, вели Дејан Стојановски, директор Дом за стари лица Куманово.

Од оваа установа информираат дека тие не можат самостојно да работат на зголемување на капацитети. Неопходна е поддршка од министерството, општината. Изминативе години од сопствениот буџет реконструираа неколку оддели. Плановите се реконструкциите да продолжат и наредната година.

Елена Георгиевска