Втор ден од привременото примирје, продолжува размената на заложници и затвореници
Нов список со заложници кои треба да бидат ослободени на вториот ден од прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас. Постојат реални шанси за продолжување на примирјето во Газа, уверува американскиот претседател Бајден. Конвои хуманитарна помош пристигнуваат во енклавата…

Израел доби список на заложници кои Хамас треба да ги ослободи денеска на вториот ден од примирјето. Вчера Хамас пушти на слобода 24 заложници, во замена за 39 палестински затвореници. Според договорот, двете страни најпрвин разменија жени и деца. Здравствената состојба им се оценува како добра. Конвои со хуманитарна помош непречено пристигнуваат во погодената енклава.
„Ги примаме ослободените заложници без претходно сознание за промените во здравствената состојба кои можеби се случиле откако биле киднапирани. Ова е комплексен настан, и медицински и емотивно“, изјави д-р Џозеф Мендловиќ – директор на детска болница.
Германската министерка за надворешни работи потврди дека четворица германски државјани се во првата група ослободени заложници од рацете на терористичката организација.
„Сега е клучно сите да се придржуваат до постигнатите договори и во следните неколку дена да бидат ослободени уште заложници. И од клучно значење е Меѓународниот комитет на Црвениот крст да добие пристап до заложниците за да можат и тие да добијат медицински третман“, рече Аналена Баербок, министер за надворешни работи на Германија.
Постојат реални шанси за продолжување на привременото примирје во Газа, изјави американскиот претседател Бајден. Според челникот на Белата Куќа, договорената пауза во борбите е можност да се достави потребната храна, лекови, вода и гориво за цивилите во Појасот.
„Во текот на следните неколку дена очекуваме десетици заложници да бидат вратени на нивните семејства. Го охрабрувам премиерот Нетанјаху да се фокусира на обидот да го намали бројот на жртви додека се обидува да го елиминира Хамас, што е легитимна цел. Тоа е тешка задача и не знам колку време ќе потрае“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.
Израелската војска објави дека планира да продолжи со активните борби против Хамас во Газа по завршувањето на сегашниот четиридневен привремен прекин на огнот. И утрово чад над северниот дел на појасот.
„Ниту еден момент не забораваме дека Хамас е суров и безмилосен непријател. Имаме речиси секојдневен контакт со американските колеги, блиска координација, јасно разбирање. Имаме регионална перспектива за случувањата во регионот. Работиме и регионално и се координираме во однос на следните фази од војната, но на крајот тоа е војната на државата Израел и ги добиваме инструкциите од израелската влада и САД го разбира ова“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелските одбранбени сили.
И додека расте притисокот за ставање крај на конфликтот, се зголемуваат дипломатските тензии. Шпанскиот премиер Санчез и неговиот белгиски колега Александар Де Кро го критикуваа Израел за страдањата на палестинските цивили. Санчез, исто така, повика на признавање на палестинската држава од страна на ЕУ, велејќи дека во спротивно Шпанија може да го стори тоа сама. Од израелското МНР ги обвинија лидерите за поддршка на тероризмот, додека шпанскиот шеф на дипломатија изјави дека правото на Израел да се брани мора да се оствари со почитување на меѓународното хуманитарно право.
Маријана Димовска
