Воен конфликт

Русија го почна најинтензивниот напад со беспилотни летала врз Украина

25.11.2023 13:25

Русија изутрина го почна најинтензивниот напад со беспилотни летала врз Украина од почетокот на инвазијата. Нападите главно се насочени кон Киев. Од лансирани 75 летала „Шахед“, 70 биле пресретнати. Предизвикан е прекин на електричната енергија во 77 станбени згради и 120 институции. Во нападите има повредени цивили …

Жителите на Киев утрото го минаа во страв и неизвесност. Украинската метропола нападната со над 70 беспилотни летала „Шахад“. Има загинати и ранети цивили. Локалните власти велат ова е најмасовниот руски напад со дронови од почетокот на војната. За украинскиот претседател Зеленски денешниот напад кој се случи на чествувањето на Гладоморот, кога милиони украинци умреле од глад, е чин на намерен терор.

„Признавањето на страшните дела против Украинците, како геноцид е исклучително важно. Тоа не е формалност, тоа е односот на цивилизираниот свет кон вистината. Им благодариме на сите држави кои ја избраа правдата и го призна гладоморот како злосторство против луѓето, против историјата, против Украина. Намерно злосторство. И кога избувна војната, сè стана јасно, во реално време видоа на што е способна модерна Русија, која себеси се нарекува наследник на советскиот сојуз. Која ужива да биде наследник на најлошите злосторства и убиства од таа ера“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

На терен борбите продолжуваат. Украинските војници се подготвуваат за тешка и студена зима додека ги чуваат позициите на фронтот. Речиси две години, наместо гранични премини меѓу двете завојувани страни, сега таму се воените позиции.

„Стана малку постудено, но не забележуваме големи промени. Навикнати сме на тоа. проблем е што сега нема зеленило наоколу и подобро се гледа нашата територија. Кога се беше зелено, тешко се гледаше“, вели Олександр Назаренко, постар водник на украинските сили.

„Има експлозии од минофрлачи и артилерија секој ден. Дроновите Шахеди летаат главно ноќе, ракетите се поретки“, додава Иван Кравченко, украински војник.

Претходно, руските власти соопштија дека се уништени 16 украински беспилотни летала насочени кон југот на Руската Федерација и над анектираниот полуостров Крим. Украинските напади на руска територија се интензивираа во последните месеци по почетокот на контраофанзивата, во јуни годинава.

Маја Стојанова