Во Газа пристигнуваат конвои хуманитарна помош
Втор ден од прекинот на огнот во појасот Газа. Израел доби нов список со заложници кои денеска треба да бидат ослободени, во замена за ослободени палестински затвореници. Американскиот претседател Бајден уверува дека постои реална можност за продолжување на примирјето. Конвои хуманитарна помош пристигнуваат во енклавата …

На вториот ден од примирјето меѓу Израел и Хамас, нова група ослободени израелски заложници во замена за палестински затвореници. Според договорот, двете страни разменуваат жени и деца. Здравствената состојба на ослободените се оценува како добра.
„Ги примаме ослободените заложници без претходно сознание за промените во здравствената состојба кои можеби се случиле откако биле киднапирани. Ова е комплексен настан, и медицински и емотивно“, изјави д-р Џозеф Мендловиќ – директор на детска болница.
„Не знаевме што се случува, но бевме многу оптимисти. Бевме сигурни дека нашата слобода е близу“, вели Фатима Амарнех-ослободена затвореничка од затворот Џенин.
Конвои со хуманитарна помош непречено пристигнуваат во погодената енклава. Постојат реални шанси за продолжување на привременото примирје во Газа, изјави американскиот претседател Бајден. Според челникот на Белата Куќа, договорената пауза во борбите е можност да се достави потребната храна, лекови, вода и гориво за цивилите во Појасот.
„Во текот на следните неколку дена очекуваме десетици заложници да бидат вратени на нивните семејства. Го охрабрувам премиерот Нетанјаху да се фокусира на обидот да го намали бројот на жртви додека се обидува да го елиминира Хамас, што е легитимна цел. Тоа е тешка задача и не знам колку ќе потрае“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.
Израелската војска објави дека планира да продолжи со активните борби во Газа по завршувањето на сегашниот четиридневен привремен прекин на огнот. И изутрина чад над северниот дел на појасот.
„Имаме речиси секојдневен контакт со американските колеги, блиска координација, јасно разбирање. Имаме регионална перспектива за случувањата во регионот. Работиме и регионално и се координираме во однос на следните фази од војната, но на крајот тоа е војната на државата Израел и ги добиваме инструкциите од израелската влада и САД го разбира ова“, вели Даниел Хагари – портпарол на израелските одбранбени сили.
И додека расте притисокот за ставање крај на конфликтот, се зголемуваат дипломатските тензии. Шпанскиот премиер Санчез и неговиот белгиски колега Александар Де Кро го критикуваа Израел за страдањата на палестинските цивили. Од израелското МНР ги обвинија лидерите за поддршка на тероризмот, додека шпанскиот шеф на дипломатија изјави дека правото на Израел да се брани мора да се оствари со почитување на меѓународното хуманитарно право.
Маријана Димовска
