ОБСЕ

Финишираат подготовките на Министерскиот совет: Потврдено е присуството на Блинкен, но не и на Лавров

25.11.2023 14:02

Финишираат подготовките на Министерскиот совет на ОБСЕ што ќе се одржи во Скопје на 30-ти ноември и 1-ви декември. Учествуваат високи државници и делегации од 57 земји. Ќе дебатираат за војната на Блискиот Исток, руско-украинскиот конфликт, но и иднината на организацијата. Потврдено е присуството на американскиот државен секретар Блинкен, но не и на шефот на руската дипломатија Лавров…

Потврдено е присуството на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, но не и на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Блинкен ќе присуствува на неформалната вечера идната недела, организирана од претседавачот Бујар Османи кој не потврди дали на иста маса ќе седнат и рускиот и украинскиот министер за надворешни, бидејќи како што вели, агендите на шефовите на дипломатиите се различни.

Министерката Петровска гласала воздржано за владината одлука за укинување на забраната за слетување на авионот на Лавров. Османи тврди дека е на иста линија со неговата колешка од одбрана, бидејќи вели дека не се работи за билатерална средба со Лавров.

Иднината на ОБСЕ е на стаклени нозе откако Русија и Белорусија ставија вето на предлогот Естонија да претседава со организацијата во 2024-та година. За Османи в понеделник ќе биде денот „Д“ каде ќе биде направен нов обид да се постигне договор по ова прашање.

На 28-ми ноември во Скопје ќе допатуваат 57 делегации и шефови на дипломатии кои ќе бидат дел од 30-от Министерски совет на ОБСЕ кој ќе трае до 1-ви декември, а за прв пат домаќин е Македонија. Покрај иднината на ОБСЕ во фокусот на разговорите ќе бидат конфликтот на Блискиот Исток, руската агресија врз Украина, младите и цивилното општество, корупцијата.

Викторија Милевска