Македонија

Зголемен интерес за имунизација против грип

25.11.2023 14:52

Во тек е вакцинацијата против сезонскиот грип. Во источниот регион, Центрите за јавно здравје бележат поголем интерес за имунизација во споредба со минатата година. Старите и лицата со хронични заболувања најредовно се имунизираат…

Над 1.900 лица во Кочани и околу 1.700 во Штип примиле вакцина против грип. Во помалите општини бројот се движи од 320 во Пробиштип до 1.000 вакцинирани во Делчево и Македонска Каменица.

Лекарите препорачуваат имунизација за граѓаните чија здравствена состојба може да биде сериозно нарушена од вирусот на грип – трудниците, лицата над 65 години, хронично болните, децата и здравствените работници.

Најголем интерес за вакцинација имаат возрасните и оние со хронични болести.

Лекарите велат дека имунизацијата може да се врши и во декември, бидејќи пикот на грипот се очекува на крајот на јануари. Според податоците на Институтот за јавно здравје, засега нема потврдени случаи на грип во државата.

Славица Величковска