Достојни услови за образование на децата, бараат жителите на Непроштено
Учениците Македонци од Непроштено следат настава во контејнери, каде пред повеќе од две децении за време на косовската криза беа сместени бегалци. Мештаните бараат достојни услови за образование на нивните деца…

Лимени објекти со дотраена инсталација, каде не можат да се вклучат повеќе грејни тела за затоплување, тоалети во катастрофална состојба, покрив кој повремено прокиснува. Во вакви услови повеќе од две децении се следи наставата на македонски јазик во тетовско Непроштено.
Часот по физичко образование го одржуваат во кал и пепел на игралиште, кое летоска го зафати поплава, но надлежните сè уште без активности за санирање и чистење на локацијата. Мештаните бараат надлежните што поскоро да преземат мерки за обезбедување на соодветни услови за учење.
Од Министерството за образование и наука одговорија дека тие како институција инвестираат во училишни објекти, врз основа на доставени барања од страна на локалните самоуправи.
„Досега не е доставено, но доколку општина Теарце достави до МОН соодветно барање и урбанистичко – планска документација, ќе се пристапи кон разгледување и одлучување за понатамошно постапување, односно внесување на проектот во некоја од следните инвестициски програми“, соопштија од Министерството за образование.
Од Општина Теарце, пак, велат дека бројот на ученици се намалува и изградбата на нов објект би бил финансиски товар за одржување.
„Нашето мислење е учениците кои следат настава на Македонски јазик да се приклучат и да учат во училишниот објект лоциран во истото село каде учат ученици Албанци, а каде има добри и значителни просторни услови, тоа е решението на проблемот“, соопштија од Општина Теарце.
Жителите на Непроштено велат дека во минатото заедно следеле настава учениците Македонци и Албанци, но по бројните меѓуетнички инциденти, мештаните стравуваат нивните деца во истиот објект да се вратат и да ја продолжат наставата.
Поради лошите услови, дел од учениците од Непроштено се запишани во други училишта во полошко, а оваа учебна година во двата контејнери, настава на македонски јазик следат само 12 ученици.
Зоран Димовски
