Избори

Нема промена на моделот, ќе има пржинска влада

25.11.2023 16:06

Опозицијата подготвена да се откаже од техничка влада, ако ДУИ нема премиер. Власта одговара-може да се разговара за промена на моделот, но тоа ќе случи по овие парламентарни избори. На лидерска средба во декември треба да падне договор, дали во еден ден ќе се гласа за претседател и за нов собраниски состав …

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е подготвена веднаш да се откаже од техничка Владата, доколку Интегративците се откажат од технички премиер. Од партијата велат дека е недозволиво, шеф на Владата да доаѓа од партијата којашто според нив, е синоним за криминал.

„Би било срам за државата, партија од типот на ДУИ, каде криминалот со СДС им е секојдневие да има технички премиер. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ е подготвено веднаш да се откаже од техничка влада, доколку се откаже ДУИ од технички премиер“, велат од партијата.

Но, од власта порачуваат дека нема простор за нови правила за игра и оти и овојпат ќе има пржинска влада. Промени може да има, но, од наредните изборни циклуси. Од СДСМ велат дека за измени во Законот за влада е потребен консензус од сите политички партии.

Преблиску сме за да ги смениме правилата на игра во последен момент, коментираат од ДУИ. Според потпретседател на партијата Османи, на лидерска средба во декември треба да се постигне консензус, дали изборите ќе се одржуваат споено или одвоено.

Македонија досега имаше две технички влади, првата предводена од Емил Димитриев, втората од Оливер Спасовски. Техничкиот премиер го предлага партијата на власт, најголемата опозициска партија ги предлага министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, а има и неколку заменици.

Игор Панов