Воен конфликт

Трет ден од примирјето меѓу Израел и Хамас, продолжува размената на заложници

26.11.2023 09:45

Откако Хамас по неколкучасовно одложување и обвинувања за прекршување на примирјето ослободени нова група израелски заложници, изутрината Тел Авив од затвор ја пушти втората група Палестинци. Трет ден од примирјето меѓу Израел и Хамас. Во енклавата продолжува да пристигнуваат конвоите со хуманитарна помош…

Трет ден од примирјето меѓу Израел и Хамас и нова размена на затвореници. Тел Авив потврди дека досега е ослободено 41 лице, жени и деца од рацете на терористичката организација. Синоќа, по неколкучасовно одложување и обвинувања за прекршување на примирјето, Хамас ја ослободи втората група израелски заложници и странски државјани.

„Децата ќе бидат тука во болницата сè додека имаат потреба. Ќе продолжиме да се грижиме за нив, да ги придружуваме физички и психички“, изјави Итаи Песач, директор на Детската болница Шеба.

Од израелските затвори досега се пуштени 78 палестински затвореници.

„Ова е сложен настан. Секој ваков ден е операција. Имаме штаб за оперативно разузнавање со кој Израелската одбрана работи заедно со Службата за генерална безбедност и Мосад. Ние се занимаваме со ова 24 часа на ден, раководејќи го овој штаб“, рече Даниел Хагари – портпарол на израелската одбрана.

Во меѓувреме, непречено пристигнаа над 340 возила со хуманитарна помош во енклавата. На погодените им се доставуваат храна, вода и медицински средства. Палестинците велат дека се очајни условите во кои живеат, а помошта и натаму не е доволна за сите.

„Понижени сме. Бевме со почит, а сега мојата куќа ја нема, мојот живот го нема. Јас сум учителка“, вели жителка на Појасот Газа.

„Што се 80 тони гориво за целиот Појас Газа? Тоа не е ништо. Треба да се покријат Кан Јунис, Рафа, Централна Газа, Северна Газа … Ова не може да покрие ништо во Појасот. Пекарниците сопреа со работа. Луѓето печат леб на огревно дрво“, вели Абу Махмуд Кита, сопственик на бензинска пумпа.

И двете страни во конфликтот потенцираа дека борбите ќе продолжат по четиридневното примирје. Од Египет, кои се едни од посредниците заедно со САД и Катар за примирјето, велат дека е можно продолжување на прекинот на огнот за ослободување на повеќе заложници.

Маријана Димовска