Надеж за болните од цистична фиброза
Болните од цистична фиброза, кои не добиваат „Трикафта“ се надеваат дека ќе се најдат на листата за потребната терапија, откако Владата обезбеди повеќе пари за оваа намена. Со тоа, се гарантира терапија за оние кои веќе примаат „Трикафта“, но треба да се покријат и нови пациенти. Во меѓувреме, кај дел од оние што чекаат се влошува состојбата. Во земјава со оваа болест живеат над 130 лица…

Болните од цистична фиброза чекаат да стигнат новите количини на „Трикафта“. Колкав број пациенти ќе ја добијат терапијата сè уште не се знае, но имаат голема надеж дека ќе се најдат на приоритетната листа.
Алаида Креиштарац е мајка на дете кое боледува од цистична фиброза. 17 години ја води битката за здравјето на нејзиниот син, сега повеќе од било кога, бидејќи вели дека тој одбива да прима венска терапија, а здравјето му се влошува.
Од човек кој живеел со половина капацитет на белите дробови, денес искачува планини. Ивана Атанасоска која боледува од цистична фиброза е меѓу првите 12 кои добија „Трикафта“. Како прв човек на Асоцијацијата за ЦФ, таа не се откажува од намерата да се обезбеди терапија за сите болни. Очекува надлежните да го одржат ветеното.
Покрај 12-ината пациенти кои добиваат „Трикафта“, ќе има терапија и за други болни од цистична фиброза.
Викторија Милевска
