Воен конфликт

Во Газа пристигнува хуманитарна помош

26.11.2023 13:30

Прекинот на огнот во Газа се одржува. Ова овозможи полесен пристап за доставување хуманитарна помош во енклавата. Досега се влезени околу 250 камиони со медицински материјали, храна и вода …

По седумнеделната голгота на цивилното население во Газа, за првпат од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, жителите на енклавата можат да здивнат. Примирјето овозможи и влез на потребната хуманитарна помош. Пристигнаа конвоите со храна, вода и медицински средства кои се повеќе од потребни за живот во енклавата. Сепак жителите во солзи, велат пристигната помош не е доволна за сите, очајни се поради условите во кои живеат.

„Понижени сме. Бевме со почит, а сега мојата куќа ја нема, мојот живот го нема. Јас сум учителка“, вели жителка на Појасот Газа.

Податоците на Обединетите нации покажуваат дека повеќе од половината домови во Газа се оштетени или уништени, а околу два милиони луѓе се внатрешно раселени. Со хуманитарната помош се испорачуваат и околу 130 илјади литри гориво, но тоа е само за 10 проценти од дневната испорака пред војната, предупредуваат од Обединетите нации.

„Што се 80 тони гориво за целиот Појас Газа? Тоа не е ништо. Треба да се покријат Кан Јунис, Рафа, Централна Газа, Северна Газа. Ова не може да покрие ништо во Појасот. Пекарниците сопреа со работа. Луѓето печат леб на огревно дрво“, вели Абу Махмуд Кита – сопственик на бензинска пумпа.

„Посакуваме да продолжи примирјето и да се подобрат условите на луѓето. Обезбедете гориво за луѓето, како и основни животни потреби, ништо повеќе не бараме“, изјави Хосам Фајад – жител на Газа.

Жителите посакуваат мир, но изгледите за продолжување на прекин на огнот се многу мали. И двете страни во конфликтот потенцираа дека борбите ќе продолжат по договореното четиридневно примирје. Од друга страна, меѓународната заедница сè повеќе инсистира за продолжување на примирјето за непречена размена на заложниците и затворениците.

Маја Стојанова