ПСС Охрид апелира граѓаните совесно да се однесуваат во планина
Првиот снег го вклучи алармот на Планинската спасителна служба Охрид. Апелираат на совесно однесување во планина, бидејќи зголемен е бројот на несреќи. Граѓаните до март идната година да не го користат затворениот пат на Галичица од месноста Корита кон Ресен.

Зимата со себе носи предизвици, првиот снег го вклучи алармот на Планинската спасителна служба Охрид. Подготвени за да интервенираат при несреќи на планина, чиј број од година во година расте. Изгубени, паднати во провалија и повредени.
Најчесто жртви се локалното население ловџии, дрвосечачи, земјоделци, собирачи на плодови, но и планинари и авантуристи.
„Имавме параглајдерски несреќи, имавме несреќи со АТВ возила, кои се реалност и очекуваме тој број да расте бидејќи како што расте туризмот така расте и бројот на несреќи. Невозможно е колку и да се преземаат мерки несреќите во авантуристичкиот туризам секогаш ќе бидат присутни а ние сме тука да интервенираме и да ги ублажиме последиците“, вели Антонио Додески раководител на ПСС Охрид.
Планинската спасителна служба апелира на совесно однесување во планина. Особено, граѓаните да ја почитуваат забраната за движење со возила од месноста Корита кон планинските врвови и Ресен, бидејќи патот е затворен за сообраќај.
„Најголемиот проблем го претставуваат оние несовесни граѓани, кои и покрај забраната над локалитетот Корита продолжуваат со возила во простор каде што има огромни наноси на снег каде што со ниту едно теренско возило е невозможно да се помине. Создаваат проблеми, бидејќи заглавуваат, а потоа се јавуваат на нашите броеви“, додава Додески.
Изминатава година ПСС Охрид интервенирала при 34 несреќи во планина од кои 13 со сериозни тешки повреди, а две со смртни последици.
Соња Рилковска
