Хамас ослободи втора група заложници во замена за палестински затвореници, прекинот на огнот се одржува
Хамас ослободи втора група заложници во замена за палестински затвореници. Пуштени се 13 Израелци и четворица државјани на Тајланд во замена за 39 Палестинци кои беа држени зад решетки во Западниот брег. Според договорот – Израел и Хамас треба да разменат 50 заложници за 150 палестински затвореници …

По седум недели, дел од израелските заложници што ги држеше Хамас, се со своите семејства. Ослободените деца, мајки и баби се во добра здравствена состојба. Специјални тимови се грижат за нивното ментално и физичко здравје.
„Ужасот од заробеништво е навистина очигледен, но на ниту еден заложниците не му е потребна медицинска интервенција. Децата ќе бидат тука во болницата. Ќе продолжиме да се грижиме за нив, да ги придружуваме физички и психички“, изјави Итаи Песач, директор на детската болница „Шеба“.
Странските државјани што ги ослободи Хамас, исто така, се чувствуваат добро, а за нивното згрижување помагаат и амбасадите.
„Примивме 15 заложници, 14 од Тајланд, еден Филипинец. Тие се во стабилна состојба. Овде ја добиваат сета медицинска грижа. Тие немаат семејства овде. Значи ние сме всушност нивни семејства. Ние и амбасадите кои се тука, помагаат со сè, како и со преводи“, рече д-р Оснат Левцион-Корач, директор на медицинскиот центар Шамир-Асаф Харофех.
Палестинските тинејџери, ослободени во последната фаза од договорот меѓу Израел и Хамас беа пречекани во Западниот Брег на главниот плоштад во градот Ал Бире.
„Сите затвореници го споделуваа верувањето дека ниту еден затвореник нема да биде оставен зад решетки, а верувавме дека и Палестина ќе биде ослободена поради напорите на отпорот“, изјави ослободена тинејџерка од затворот Џенин.
„Не одведоа во седум часот изутрина, а околу десет ни рекоа дека има договор и ќе нè ослободат. Бевме многу изненадени, тоа беше прекрасно чувство“, рече ослободен тинејџер од Витлеем.
Израелските власти внимателно ја набљудуваат операцијата. И двете страни во конфликтот потенцираа дека борбите ќе продолжат по четиридневното примирје, иако САД, Катар и Египет велат дека е можно продолжување на прекинот на огнот за ослободување на повеќе заложници.
„Ова е сложен настан. Секој ваков ден е операција. Имаме штаб за оперативно разузнавање со кој израелската одбрана работи заедно со Службата за генерална безбедност и Мосад. Ние се занимаваме со ова 24 часа на ден, раководејќи го овој штаб“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
На 7-ми октомври по нападите на Хамас врз Израел беа заробени 240 луѓе, и натаму не е позната состојбата на заложниците.
Маријана Димовска
