Нова германска инвестиција ќе отвори над 500 работни места

02.06.2014 19:37

Информациите велат дека германската компанија во првата фаза ќе инвестира 12 милиони евра. Истата ќе започне да се реализира од август годинава...

Германската  „Техникал текстајл“ е компанијата која што ќе отвори фабрика во технолошко индустриската развојна зона Штип, веднаш до Џонсон Контролс. Ќе вработи 500-ини луѓе, а почетната инвестицијата ќе изнесува 12 милиони евра. Македонија е избрана во конкуренција со голема слободна економска зона во Абу Даби. Раководството на компанијата му ја соопшти одлуката на премиерот Никола Груевски.

„Најдовме многу работници во Штип и сметам дека Македонија е добро место за инвестирање. Даноците се ниски. Земјата е добра и пријателска. Зборувавме со многу луѓе и мислам дека имаме добра иднина овде“, изјави сопственикот на германската компанија „Техникал текстајл“, Џенс Вандланд.

„Техникал текстајл“ има производствени капацитети во Германија, Словачка и Кина. Компанијата произведува изолациони материјали за градежнатa, автомобилскатa и авионскатa  индустрија.  Директорот на Дирекцијата за технолошко- индустриски развојни зони, Виктор Мизо, смета дека оваа инвестиција ќе привлече и други германски компании .

„Господинот Вандланд видел во Ханделсблат, главниот економски магазин во Германија, напис во кој Македонија е споредена со други земји од гледна точка на даноците и само неколку дена после тоа дојде во Македонија. Му беа потврдени даноците, што значи добивање на градежна дозвола, направи состаноци со компании како Џонсон Мети, Ван Хол, Дрекселмајер“, изјави Мизо.

Очекувањата се дека компанијата ќе почне да се гради за неколку месеци. Планираниот извоз во првата година ќе биде околу 20 милиони евра, но се очекува негово зголемување.

 

Викторија Тодоровска