Време

Ноемвриската зима продолжува, минусните температури ќе бидат и двоцифрени

26.11.2023 15:53

Прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи за следните денови покажува дека ноемвриската зима продолжува. Зимска опрема и топла облека се неопходни, оти минусните температури ќе бидат и двоцифрени. Обилни врнежи се очекуваат во западните делови, каде на планините, се прогнозира значително зголемување на снежната покривка...

Многу студени утра и нова снежна обвивка. Прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи за следните денови покажува дека ноемвриската зима продолжува. Зимска опрема и топла облека се неопходни, оти минусните температури ќе бидат и двоцифрени.

„Ќе се задржи сончево и многу студено време, особено во утринските часови. Температурата во најголем дел од денот ќе се спушти под минус пет, а на доста места и под минус десет степени. Во Скопје очекуваме температура од околу минус десет степени. Во вторник и во среда претпладне се очекува нов влажен бран кој на планините и на некои повисоки места ќе донесе повторно врнежи од снег, меѓутоа на пониските места врнежите ќе бидат од дожд“, изјави Костадинка Арсовска од УХМР.

Обилни врнежи се очекуваат во западните делови, каде на планините, се прогнозира значително зголемување на снежната покривка. Токму затоа, првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов со апел.

„Сите граѓани, да користат зимска опрема, да користат најмалку зимски гуми во периодот којшто доаѓа, но и будно да ги следат прогнозите на УХМР коишто се навистина прецизни. Ние неколку денови однапред знаевме дека во сабота попладне ќе вее снег, особено на планинските превои по коишто минуваат голем дел од нашите регионални и магистрални патишта. Апелирам до граѓаните, доколку има најави за врнежи од снег, ако не им е неопходно да не се движат со своите возила“, изјави Стојанче Ангелов – директор на ЦУК.

Првите зимски сообраќајни проблеми се појавија со првиот снег. 2.039 повици имало на бројот 112, речиси двојно од претходниот ден, а тројно во Центарот за управување со кризи.

Катерина Топалова