Политика

ВМРО-ДПМНЕ објави дел од платформата со која ќе влезе во изборната трка

26.11.2023 17:08

Реформи во даночниот систем, линеарно зголемување на пензиите, повеќе пари за општините. ВМРО-ДПМНЕ на трибина и дебати за локалниот економски развој и за економските принципи објави дел од контурите на платформата со која ќе влезе во изборната трка…

Реформи во администрацијата, даночниот систем, образованието, ВМРО-ДПМНЕ на партиската трибина за економските принципи објави дел од контурите на платформата со која ќе бидат во изборната трка.

Мицкоски им даде ветување на пензионерите дека по формирање на влада во рок од една година ќе има линеарно зголемување на нивните примања за 5.000 денари.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во дел од програмата посочи и милијарда евра за општините за капитални инвестиции, ако добијат четиригодишен мандат за да обезбедат поквалитетен живот за граѓаните. Вели, како идна влада размислуваат секоја компанија којашто ќе дојде од Европа и светот, којашто својот профитен центар или седиште ќе го донесе во Македонија, за деклариран профит до определена сума, да добива пониска даночна стапка на добивка за државата со најниски даноци.

Борбата со инфлацијата треба да се води на поинаков начин, рече Трајко Славески, преку привлекување странски инвестиции, создавање на нови работни места и поддршка на извозните компании.

На трибината од економскиот тим на партија беше ветено интензивирање на изградбата на патната инфраструктура за нови 120 километри автопатишта. Понудија решенија и за реформи во дигитализацијата на јавни услуги со што, како што рекоа, во значителна мерка може да се намали и корупцијата во општеството.

Игор Панов