Култура

Виртуозниот виолинист Роберт Лакатош настапува со Македонската филхармонија

27.11.2023 09:13

На програмата се Концертот за виолина и оркестар во де-мол од Јан Сибелиус и Симфонијата бр. 1 од Васили Калиников. Диригент е Мануел Хернандез-Силва од Венецуела...

Виртуозниот виолинист Роберт Лакатош (Србија), в четврток, со почеток во 20 часот ќе настапи како солист со оркестарот на Македонската филхармонија на концертот насловен „Искон“. На програмата се Концертот за виолина и оркестар во де-мол од Јан Сибелиус и Симфонијата бр. 1 од Васили Калиников. Диригент е Мануел Хернандез-Силва од Венецуела.

Финскиот композитор Јан Сибелиус (1865 – 1957) е еден од ретките композитори чиј опус целосно е обоен со звукот на неговата родна земја и кој оди рака под рака со борбата на финскиот народ за себеопределување и независност. Иако, во декадата по неговата смрт, неговиот музички опус бил детерминиран како конзервативен, тој денес важи за еден од најзначајните и најоригинални композитори на симфониска музика, по Лудвиг ван Бетовен. Концертот за виолина и оркестар е музичко ремек-дело, омилено меѓу виолинистите што сакаат да ги покажат своите изведувачки капацитети, во него се чувствува органскиот звук типичен за Сибелиус и неговата комплексна музичка текстура обоена со моќен лиризам.

Рускиот композитор Васили Калиников е еден од заборавените музички мајстори, чиј опус станува интернационално познат многу години по неговата смрт. Првата симфонијата е напишана во периодот меѓу 1894 и 1895 година и претставува класичен пример за неверојатното чувство за креирање мелодија што го поседувал Калиников. Инспирирана од богати фолклорни мотиви, симфонијата содржи јасни влијанија од Римски-Корсаков и Чајковски, иако во неа Калиников успеал да го вметне и својот авторски печат и сензибилитет по кој е препознатлив како композитор.

Мануел Хернандез-Силва дипломира на престижниот Државен конзерваториум во Виена со највисоки оценки, а професори му биле Рејнхард Шварц и Георг Марк. Добитник е на наградата на натпреварот за диригирање „Јунгер Кунстлер“, што ја доделува Виенскиот камерен оркестар, со кој Силва диригира во Виена.

Диригирал на значајни интернационални фестивали, а често настапува како гостин-диригент со шпански и со други оркестри во Европа. Бил шеф-диригент на Оркестарот на Кордоба, на Филхармонијата во Малага, на симфонискиот оркестар „Навара“, и почесен шеф-диригент на оркестарот „Симон Боливар“ во Каракас, со кој интензивно работел повеќе од пет години. Диригирал со Виенскиот симфониски оркестар, Израелскиот симфониски оркестар, оркестарот на Радио Прага, симфонискиот оркестар на Биел, со оркестарот на Мулхаус, симфонискиот оркестар на Вупертал, Филхармонијата на Сеул, Филхармонијата на Буенос Аирес, Националниот оркестар на Венецуела, Симфонискиот оркестар на Чиле и со сите водечки оркестри во Шпанија.

Како оперски диригент доби одлични критики за неговите изведби на „Волшебната флејта“ и „Така прават сите“ од Моцарт, за Бетовеновата „Фиделио“ и за „Боеми“, „Џани Скики“, „Тоска“ и „Мадам Батерфлај“ од Пучини.

Маестро Хернандез-Силва работи и како професор, постојано е активен во педагошката сфера, каде посветено едуцира млади диригенти.