Последен ден од примирјето меѓу Израел и Хамас, можно ново продолжување
Последен ден од примирјето меѓу Израел и Хамас за размена на заложници. Милитантната организација сака да го продолжи договорот за примирје. Израелскиот премиер Нетанјаху во телефонскиот разговор, на американскиот претседател Бајден му посочил дека е подготвен за договор, но дека потоа продолжува воената операција против Хамас...

Последен ден од договорениот четиридневен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Се ослободуваат израелски заложници во замена за палестински затвореници. Израелските власти соопштија дека примирјето може да се продолжи за уште еден ден за секои дополнителни 10 ослободени заложници, но вети дека брзо ќе ја продолжи офанзивата откако операцијата ќе заврши. И од Хамас најавија дека е можно да продолжување на примирјето доколку се постигне договор за зголемување на бројот на палестински затвореници кои би биле ослободени.
„Разговарав со претседателот Бајден и му реков дека на крајот ќе се вратиме со сите сили за да ги реализираме нашите цели, елиминација на Хамас. Мораме да се осигураме дека Газа нема да се врати на она што беше, и се разбира ослободување на сите наши заложници“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Меѓу ослободените жени и деца е и млада Израелка застрелана во ногата и киднапирана откако Хамас извршија напад на музичкиот фестивал во јужен Израел на 7 октомври. Таа била заедно со нејзиниот брат за кој се верува дека е еден од многуте заложници кои сè уште се држат во Појасот. Американскиот претседател Бајден потврди дека 4-годишното американско девојче држено во заложништво од Хамас по убиството на нејзините родители било ослободено како дел од договорот за прекин на огнот.
„Со недели се залагам за пауза во борбите со две цели, за да се зголеми помошта и да стигне до цивилите во Газа на кои им е потребна и да се олесни ослободувањето на заложниците. Затоа, се надевам дека ова не е крајот, ќе продолжи. И имам чувство дека сите играчи во регионот, дури и соседите кои не се директно инволвирани, сега бараат начин како да се стави крај на ова“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
На 7-ми октомври по нападите на Хамас врз Израел беа заробени 240 луѓе, и натаму не е позната состојбата на поголемиот дел од нив. Ослободените Палестицни беа еуфорично пречекани на Западниот Брег, а жителите побараа да бидат ослободени повеќе палестински затвореници додека трае прекинот на огнот.
„Бараме сите наши затвореници да бидат ослободени од окупациските затвори. Исто така бараме што поскоро да заврши окупацијата во Џенин“, рече жител на Западниот брег.
„Им посакуваме брзо закрепнување на ранетите и целосна слобода на сите затвореници, особено на оние кои поминаа долго време во затворите“, жител на Западниот брег.
Во меѓувреме, хуманитарната помош непречено пристига до погодените во енклавата. Жителите се жалат дека помошта не е доволна, а уништената инфраструктура дополнително го отежнува снабдувањето.
Маријана Димовска
