Денеска без изненадувања
Првиот носител Рафаел Надал тренираше против Србинот Лајовиќ и загуби само четири гејма во три сета...

Црвеницата на Ролан Гарос денеска им беше наклонета на фаворитите. Надал – Ферер и Мареј – Монфис се последените две четвртфинални двојки на парискиот тениски гренд слем.
Првиот носител Рафаел Надал тренираше против Србинот Лајовиќ и загуби само четири гејма во три сета. 6-1, 6-2 и 6-1 за кралот на земјата во Париз, кој во шпанското четвртфинале ќе игра со Давид Ферер. Петторангираниот тенисер на годинашниот гренд слем го совлада Андерсон со 3-1 во сетови. Седмиот фаворит Мареј во три сета го мина Вердаско со 6-4, 7-5 и 7-6, а во наредната рунда ќе оди на Монфис. На задоволство на домашната публика Монфис беше доминантен во пресметката со Гарсија лопез, 6-0, 6-2 и 7-5. Ѓоковиќ - Раониќ и Бердих - Гулбис се двојките коишто беа формирани уште во вчерашните натпревари.
Кај дамите, Сара Ерани го доби осминафиналниот дуел на тенисерките рангирани меѓу првите десет. Италијанката беше поуспешна од јелена јанковиќ со 7-6 и 6-2, па за неа ќе има најмалку уште еден натпревар во француската престолнина. Пред неа сега ќе биде Андреа Петковиќ која ја елиминираше Бертенс со целосен пресврт. Откако убедливо го загуби првиот сет со 6-1, Германката Петковиќ ги доби наредните со 6-2 и 7-5. Четврторангираната Халеп немаше проблеми со Стивенс , 6-4 и 6-3 што значи дека во четвртфиналето ја очекува Кузњецова. Русинката денеска беше подобра од Сафарова со 6-3 и 6-4.