ИЗРАЕЛ - ХАМАС

Нетанјаху: Примирјето може да се продолжи, но потоа ќе се вратиме со сите сили

27.11.2023 11:42

Четврти ден од прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас со нова размена на заложници и затвореници. Двете страни подготвени за продолжување на примирјето, но Тел Авив порачува, ова не значи дека копнената операција ќе запре…

Израел и Хамас соопштија дека примирјето може да се продолжи за уште еден ден за секои дополнителни ослободени заложници и затвореници. Но, од Тел Авив потенцираа дека веднаш потоа ќе ја продолжат офанзивата.

„Разговарав со претседателот Бајден и му реков дека на крајот ќе се вратиме со сите сили за да ги реализираме нашите цели, елиминација на Хамас. Мораме да се осигуриме дека Газа нема да се врати на она што беше, и се разбира, ослободување на сите наши заложници“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Во првите три дена Хамас ослободи 58 заложници, жени и деца, во замена за ослободување на 117 палестински затвореници. Нивната состојба е добра.

„Физичката состојба на децата и мајките кои дојдоа кај нас, сега е стабилна. Тие имаат медицинска и емоционална поддршка од тимот на детската болница Шнајдер“, изјави д-р Ефрат Брон-Харлев, директор на Детскиот медицински центар „Шнајдер“.

Меѓу ослободените е и млада Израелка, киднапирана од музичкиот фестивал во јужен Израел на 7-ми октомври и 4-годишно девојче од САД, држено во заложништво од Хамас по убиството на нејзините родители.

„Со недели се залагам за пауза во борбите со две цели, за да се зголеми помошта и да стигне до цивилите во Газа на кои им е потребна и да се олесни ослободувањето на заложниците. Затоа, се надевам дека ова не е крајот, ќе продолжи. И, имам чувство дека сите играчи во регионот, дури и соседите кои не се директно инволвирани, сега бараат начин како да се стави крај на ова“, изјави американскиот претседател, Џо Бајден.

Ослободените Палестинци еуфорично пречекани на Западниот Брег. Жителите на Газа велат дека пристигнатата хуманитарна помош не е доволна, а уништената инфраструктура го отежнува снабдувањето.

„Бараме сите наши затвореници да бидат ослободени од окупациските затвори. Исто така, бараме што поскоро да заврши окупацијата во Џенин“, вели жител на Западниот брег.

„Им посакуваме брзо закрепнување на ранетите и целосна слобода на сите затвореници, особено на оние кои поминаа долго време во затворите“, вели жител на Западниот брег.

Војната на Блискиот Исток ќе биде во фокусот на Регионалниот форум на Унијата за Медитеранот што се одржува во Барселона.

 

Маријана Димовска