Нова размена на заложници во Газа
Четврти ден од прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас со нова размена на заложници за затвореници. Двете страни подготвени за продолжување на примирјето, Тел Авив порачува – ова не значи дека копнената операција ќе запре....

Примирјето во Појасот Газа може да се продолжи за уште еден ден за сите дополнителни ослободени заложници и затвореници, соопштија и Израел и Хамас. Но, од Тел Авив потенцираа дека веднаш потоа ќе ја продолжат офанзивата.
„Кампањата за ставање крај на Хамас и враќање на нашите заложници дома ќе продолжи веднаш со завршувањето на паузата за ослободување на заложниците. Очигледно нема да шпекулирам за точните оперативни движења на нашите војници и продолжувањето на таа стратегија“, изјави Ејлон Леви-портпарол на израелската влада.
Состојбата на досега ослободените заложници е добра и со нив работат специјални тимови.
„Физичката состојба на децата и мајките кои дојдоа кај нас сега е стабилна. Тие имаат медицинска и емоционална поддршка од тимот на болницата за деца „Шнајдер“, изјави Д-р Ефрат Брон-Харлев-директор на Медицинскиот центар за деца „Шнајдер“.
Ослободените Палестинци еуфорично пречекани на Западниот Брег. Жителите на Газа, велат дека пристигнатата хуманитарна помош не е доволна, а уништената инфраструктура го отежнува снабдувањето.
„Примирјето стапи на сила со 15.000 смртни случаи. Ако видиме дека војната продолжува утре, тогаш бројот на загинати ќе се удвои бидејќи концентрацијата на палестинското население сега е двојно поголема. Затоа, за нас е важно да се обидеме да го продолжиме ова примирје што е можно подолго“, изјави Риад Ал-Малки – министер за надворешни работи на Палестина.
Војната на Блискиот Исток во фокусот на Регионалниот форум на Унијата за Медитеранот во Барселона на кој учествуваат делегации на ЕУ, Блискиот Исток и Северна Африка.
„Мир меѓу Израел и Палестина стана стратешки императив за целата евро-медитеранска заедница и пошироко. Паузата треба да се продолжи, да биде одржлива и долготрајна додека се работи на политичко решение. Колку подолго му дозволуваме на екстремистот да ја поставува агендата, ќе се шири повеќе екстремизам, не само во регионот туку и во Европа“, изјави Жозеп Борел-шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Генералниот секретар на НАТО со апел за продолжување на примирјето, ослободување заложници и достава на помош за Појасот Газа. Според Столтенберг, важно е да спречи разгорување на конфликтот во регионот на Блискиот Исток.
Маријана Димовска
