Уапсен осомничениот за пукањето на млади Палестинци во близина на Универзитетот во Вермонт
Маж застрела тројца палестински студенти во Вермонт, од кои еден е во критична состојба – полицијата го гони за злосторство од омраза...

Уапсен напаѓачот кој викендов застрела и рани тројца палестински студенти во близина на кампусот на Универзитетот во Вермонт. 48-годишниот Џејсон Итон е приведен за време на потрагата во областа каде што се случил нападот. При претрес на неговиот дом се откриени докази за злосторството. Се истражува дали пукањето е чин на омраза, бидејќи младите во моментот на нападот носеле традиционални арапски црно-бели шамии додека се враќале од гости кај роднина на еден од момчињата.
„Вистина е дека овие тројца мажи имаа арапски изглед, носеа кефии, зборуваа арапски и шетаа по улица-што не тера да помислиме дека ова можеби е злосторство од омраза. Но, не ни помислував дека е можно такво нешто да се случи во нашето мирно соседство. За помалку од пет минути откако заминаа, ги видовме сирените и ротирачките светла на полицијата која поминуваше крај нашата куќа. Немав поим дека тоа беше за мојот внук и неговите пријатели“, изјави Рич Прајс, вујко на повреденото момче.
Семејствата на студентите ги повикаа органите на прогонот да спроведат темелна истрага. Правда за младите момчиња побараа и голем број Палестинци во Вермонт.
„Во последните 52 дена му се јавувам на моето семејство секој ден, понекогаш десет, 20 пати за да знам како се. Денеска добив толку многу повици од нив да ме прашаат како сум. Дали е тоа можно во Вермонт?“-рече Вафик Фаур, Палестинец од Вермонт.
Случајот привлече светско внимание поради загриженоста од зголемениот антисемитизам по избивањето на војната меѓу Израел и Хамас. Од почетокот на конфликтот Соединетите Американски Држави се соочени со зголемен број исламофобични и антисемитски инциденти, вклучително и онлајн малтретирања на интернет.
Бојана Крстевски
