Маврово

Потпишан договор со Олимпискиот центар „Јахорина“

27.11.2023 14:45

Скијачката сезона на Маврово официјално започнува овој четврток. Центарот денеска потпиша договор со Олимпискиот центар „Јахорина“ од Босна и Херцеговина со кој туристите од двете земји, со една сезонска карта ќе можат да ги користат услугите на двата центри...

Тој што има сезонска карта од Маврово ќе може да користи жичниците два дена во скијачкиот центар „Јахорина“, но и обратно. Ова е договорот кој денеска го потпишаа првите луѓе на двата центри од Македонија и Босна Херцеговина.

Зимските туристички центри од регионот треба да функционираат како еден, таква е праксата на западните земји, велат од раководството на „Јахорина“, центар кој има склучено вакви договори со 12 скијалишта.

„Вие имате најдобар потенцијал од сите земји од поранешна Југославија. Имате високи планини, тука во Маврово имате езеро за заснежување. Ние немаме море и ни останува да вложуваме во планини, но важно е да се има добри експерти оти грешките скапо ќе чинат. Мора да се здружат сите и централни и локални власти за да се развие туризмот. Сега е полесно да се најдат пари за инвестирање, но човечкиот капитал е малку потешко да се најде, мора да има експерти“, изјави директорот на ски центарот Јахорина, Дејан Левениќ.

За разлика од регионот, нашите власти и не толку вложуваат за развој на зимските туристички центри, иако се работи за планинска земја со голем потенцијал, велат од ресортот Маврово.

Босанскиот амбасадор го поздрави договорот, истакнувајќи дека само ваквите чекори ќе придонесат за зголемување на странските туристи во двете земји.

„Од минатиот месец имаме директна линија Скопје-Сараево, што ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи и особено ми е драго, што повеќе од 22 проценти е зголемен бројот на туристи од Босна во Македонија и обратно. Ние ќе воведеме и авионска линија Бања Лука – Охрид“, изјави Драган Јаќимовиќ, амбасадор на БИХ во Македонија.

Со сезонската карта од Маврово веќе можат да се користат и центрите во скијалиште Србија.

 

Зоран Димовски