АГЕНЦИЈА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ОДЗЕМЕН ИМОТ

Продаден имот на Мијалков, во Буџетот инкасирани безмалку 333 илјади евра

27.11.2023 14:53

Конфискуваниот имот на Мијалков во „Империја“ на јавна лицитација. Трите стана и гаражата распродадени за рекордно време, државата ќе инкасира над 300 илјади евра...

Безмалку 333 илјади евра ќе инкасира државниот Буџет од продажбата на трите стана и гаража кои до скоро беа сопственост на поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков. На електронската аукција недвижностите се продале во рекордно време, па така становите на Водно со површина од 78 и два од по 73 метри квадратни како и гаража од 30 квадрати веќе имаат нов сопственик.

Директорот Небиу не прецизираше кој го купил имотот, но рече дека недвижностите на Мијалков му се одземени по правосилна судска пресуда, а наредната недела ќе има и нова аукција. Неодамна првиот човек на Агенцијата обвини дека вработените се мета на вознемирување и заплашување поради обидот да го продадат имотот на Мијалков. Ги охрабри граѓаните да не стравуваат и да се пријавуваат на претстојните лицитации.

 

Анита Димитријевска – Велковска