Тензична седница на Анкетната комисија за случајот „Онкологија“
Бурна седница на Анкетната комисија за „Онкологија“. Мизрахи побара политичка одговорност од петмина – ексминистерот Филипче, некогашни директори на клиниката, фондот, инспекторатот. Власта реагира – претседателката ја злоупотреби функцијата, да поднесе оставка...

Политичка одговорност за случајот „Онкологија“ за петмина функционери побара опозицијата. Претседателката на комисијата, Рашела Мизрахи, ги посочи имињата на ексминистерот за здравство Венко Филипче, поранешниот медицински и организациски директор на Онкологија Нино Васев и Нехат Нухи, ексдиректорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Бухова и поранешните директори на Фондот за здравство Стево Крстевски и Фатон Ахмети. По образложението, бурно реагираа пратениците од власта, кои немаа право на реплика.
Во целата постапка биле прекршени 30-тина закони вели Мизрахи. Клучниот документ кој ги утврдува неправилностите во работата на Клиниката за онкологија е Извештајот на државниот завод за 2021 година. На Клиниката немало стручен колегиум, лековите не биле според реалните потреби на пациентите, за воведување нова терапија не се правела анализа, а кој пациент ќе добие биолошка терапија одлучувал директорот, рече таа.
Пратениците на власта жестоко реагираа. СДСМ ја обвини Мизрахи за политичка злоупотреба и побара нејзина оставка. И тие имаат заклучоци за политичка одговорност.
Заклучоците на власта и на опозицијата за утврдување евентуална политичка одговорност ќе се гласаат на пленарна седница. Анкетната комисија има мандат до трети декември.
Андријана Ѓурческа
