Примирјето меѓу Израел и Хамас продолжено за уште два дена
Четиридневното примирјето меѓу Израел и Хамас, продолжено за уште 48 часа. Се разменуваат заложници и затвореници. Генералниот секретар на Обединетите нации, пак, побара целосен прекин на огнот. Предупредува – катастрофата во Газа од ден на ден се влошува.

Дополнителни два дена примирје во Појасот Газа – соопшти катарското МНР. Најмалку уште 20 израелски заложници ќе бидат ослободени, во замена за 60 палестински затвореници. Договорот потврден и од САД.
„Паузата може да биде продолжена дополнително, а ќе зависи од тоа дали Хамас ќе продолжи со ослободување заложници. Секако дека би сакале да го видиме тоа додека сите не бидат ослободени“, изјави Џон Кирби - портпарол на Советот за национална безбедност на САД.
Списокот со дополнителните 10 кои ги ослободува Хамас денеска, е доставен до Израел.
„Продолжуваме во рамките на договореното. Во исто време, продолжуваме и со главната цел-да ги ослободиме сите наши заложници, да се заврши елиминацијата на Хамас и, се разбира, да се осигураме дека оваа закана нема да се повтори во газа“, изјави Бенјамин Нетанјаху - премиер на Израел.
Генералниот секретар на ООН повика на целосно хуманитарно примирје. Дијалогот мора да продолжи – потенцира Гутереш. Се надева дека тоа ќе доведе решението за две држави да се придвижи напред.
„Ќе треба сериозно да погледнеме како се одвива транзицијата, сè уште е рано да знаеме точно како работите ќе се случат, но верувам дека ни се потребни палестински власти кои одговорно ќе владеат во Газа и западниот брег, и ќе создадат услови кои ќе овозможат решението за две држави да се придвижи напред што ќе доведе до зајакната палестинска власт“, изјави Антонио Гутереш - генерален секретар на ООН.
Состојбата на последната група заложници ослободени синоќа е добра и со нив работат специјални тимови.
„Сите наши деца и мајки се во стабилна здравствена состојба, времето го минуваат со своите семејства во мирна средина и со лекарска поддршка за да се олесни нивното враќање во дома“, изјави Дрор Мандел - директор на детската болница Дана-Двек во медицинскиот центар Ичилов
Тел Авив го повика црвениот крст да помогне да се осигури медицинската нега да стигне до останатите заложници што ги држи Хамас.
„Ги повикуваме меѓународните организации, особено Црвениот крст, да ја искористат секоја алатка што им е на располагање за да добијат пристап до сите заложници за да се уверат дека ја добиваат медицинската нега што им е потребна“, изјави Даниел Хагари - портпарол на израелска одбрана.
Камиони со хуманитарна помош и натаму пристигаат до најпогодените области. Неделава во Појасот Газа треба да пристигне и американскиот државен секретар Антонио Блинкен во надеж дека САД ќе издејствува дополнително примирје и ослободување на повеќе заложници.
Бојана Крстевски
