Скопје

Мерна станица за квалитет на воздухот ќе биде поставена во близина на Цементарница

28.11.2023 12:03

Општина Кисела Вода ќе набави мерна станица за квалитет на воздухот која ќе биде поставена во непосредна близина на фабриката Цементарница...

Општина Кисела Вода ќе набави мерна станица за квалитет на воздухот која ќе биде поставена во непосредна близина на фабриката Цементарница.

Како што известуваат од општината, денеска на страницата на Бирото за јавни набавки е распишан оглас за јавна набавка, со што наскоро граѓаните ќе имаат увид во квалитетот на амбиенталниот воздух.

– Ова претставува реализација на уште едно ветување од програмата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кое се реализира по прифаќање на предлогот на советниците од Советот на Општина Кисела Вода.

Она што преостанува е потребата од неселективен ангажман на градот Скопје и на централната власт преку своите ресорни Министерства, бидејќи здравјето на граѓаните мора да биде на прво место, велат од општината.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, нагласи дека денеска општината реализира уште едно големо ветување кое го даде пред граѓаните и е запишано во нивната програма.

– Здравата животна средина е наш приоритет и стратешка заложба, па контролата на квалитет на воздухот, посебно во близина на индустриски капацитет, е неопходност во борбата против загадувањето.

По предлог на советниците од Советот на Општина Кисела Вода ја набавуваме мерната станица која ќе биде поставена во непосредна близина на фабриката „Цементарница Усје“, но, она што сега не смее да изостане е ангажманот на Градот Скопје и централната власт која има ингеренции во оваа област.

Се надевам дека тие ќе ја вршат својата работа и дека инспекциите, кои за тоа се овластени, во наредниот период ќе има неселективна контрола на индустриските капацитети, истакна Ѓорѓиевски и додаде дека борбата за здрава животна средина и борбата со загадувачите мора да биде бескомпромисна.